УКИМ / Фото - Слободен печат / Методи Здравев

Државата бара начин да ги задржи „мозоците“ дома

Според извештајот, вкупниот ефект на опортунитетниот трошок во однос на изгубен БДП кој не е генериран заради годишната емиграција на вкупното население од државата се проценува на 5,15 проценти од БДП на годишно ниво. Доколку на ова се додаде реално изгубената инвестиција во образованието во овие кадри која во просек изнесува 3,19 проценти годишно од БДП, вкупниот негативен економски ефект рефлектира вкупна загуба од 8,34 проценти од БДП на годишно ниво

Македонија е во топ 20 земји во светот во кои емигрираат високообразовните и стручни кадри, а на петто место во рамки на Европската Унија, покажуваат податоците од конечниот извештај за извршена ревизија на успешност на тема „Ефективност на мерките за спречување на одливот на високообразовни и стручни кадри“ подготвен од Државниот завод за ревизија.

Процените од извршената анализа на ангажираниот експерт на ДЗР покажуваат дека во периодот 2013-2021 година просечно годишно мигрираат по околу 2.500 високообразовани кадри, за кои државата просечно годишно инвестирала по околу пет милијарди денари или вкупно за анализираниот период потрошила 44,7 милијарди денари. Се посочува дека одливот на високообразованите кадри ја чини државата 0,8 проценти од годишниот БДП.

Државниот ревизор Максим Ацевски, кој денеска пред собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетски прашања го презентираше извештајот, вели дека не би можел да каже дали овие податоци се реални имајќи предвид одредени отстапувања, но бројот на високообразовние кадри што заминуваат е висок.

Според извештајот, вкупниот ефект на опортунитетниот трошок во однос на изгубен БДП кој не е генериран заради годишната емиграција на вкупното население од државата се проценува на 5,15 проценти од БДП на годишно ниво. Доколку на ова се додаде реално изгубената инвестиција во образованието во овие кадри која во просек изнесува 3,19 проценти годишно од БДП, вкупниот негативен економски ефект рефлектира вкупна загуба од 8,34 проценти од БДП на годишно ниво.

По истекувањето на периодот на важност на Националната стратегија за вмрежување и соработка со високообразовани и стручни кадри 2013-2020 година не е усвоен нов стратешки документ кој го опфаќа проблемот поврзан со одлив на мозоци односно сеопфатна стратегија за економската миграција, со мерки и активности поврзани со намалувањето на одливот на високообразован кадар, со што би се намалиле и негативни ефекти во областа на економскиот развој на земјата и научноистражувачката дејност. Се констатира дека мерките од Стратегијата не се целосно имплементирани.

Ацевски истакна дека државата не успеала да формира единствена база на податоци за да има бројка на одлив на високообразовани и стручни кадри. Како пример посочува дека во 2023 /2024 имало околу 23.000 слободни места за упис на државните универзитети, а се запишале само 10.000. Според државниот ревизор, недостасува и точен мониторинг и колку реално студенти можат да запишат универзитетите.

За министерката за образование и наука, Весна Јаневска оваа бројка е поразителна.

-Добро е што државата имала Стратегија за спречување на одливот на мозоци, но за жал, не го постигнала ефектот кој бил предвиден при креирањето. Нема да се навраќаме назад и да бараме виновници. Како нова Влада преку мултиресорски пристап ќе се фокусираме на креирање нови мерки и активности со кои ќе го намалиме заминувањето на квалификуваниот и високообразован кадар – рече Јаневска.

Таа вели дека со универзитетите веќе се разговара за промени со цел поквалитетен образовен систем, осовременување на студиските програми за да бидат интересни за младите, но и усогласување со потребите на пазарот на трудот.

Стипендирањето во голема мера треба да стимулира упис на дефицитарни струки, па оттука и стипендиите на МОН веројатно ќе подлежат на ревизија. Зборувајќи за шангајските стипендии, министерката кажа дека очигледно е потребно реобмислување на начинот на кој тие се даваат и на начинот кој студентите треба да возвратат.

-Веќе се консултираме со повеќе студенти кои имаат искористено ваков тип на стипендија. Имаат интересни идеи кои ги размислуваме во моментов. Најчесто нотираат потреба за поголемо поврзување со компаниите во Македонија, бидејќи администрацијата нуди ограничени можности – рече Јаневска, додавајќи дека Министерството прави дигитален регистар за евиденција на сите стипендисти, заради полесно лоцирање, вмрежување …

Младите, како што посочи Јаневска, треба да добијат повеќе можности за учество и развој во науката и затоа се планираат повеќе пари и враќање на финансирањето на научно – истражувачките проекти со апликативни цели, како и нивно вклучување во наставно – научните тимови во рамки на образовните установи каде недостига персонал.

Ќе се прошируваат и можностите за вмрежување на младите со младите од други земји преку Хоризонт, Еразмус и други програми за образование и наука.

-Ценам дека обврска е не само на институциите на системот, туку и на бизнис заедницата, на граѓанскиот сектор и на секој општествен чинител кој може да помогне, да даде придонес во справувањето со предизвикот како да ги задржиме младите во Македонија и да им овозможиме добра иднина тука – додаде Јаневска.

Според пратеникот од СДСМ и поранешен премиер Димитар Ковачевски, треба да се посочат мерки, но и да се каже колку и во што треба да се вложи за да се задржат младите во земјата.

Осврнувајќи се на еден од примерите за тоа колку е вложено за обука на млади лица во хабовите за отворање стартапи, Ковачевски праша каков бил ефектот од нив бидејќи нема отворена компанија. Посочи дека за отворање компании е потребен пазар, а ние сме мал пазар од само милион луѓе.

Пратеникот Бојан Стојановски и претседател на Комисијата смета дека не може повеќе да се бега од темата и да се прават стратегии без ефект, туку дека треба мултисекторски да се работи на намалување на трендот на иселување, којшто е глобален.

-Темата да влезе во институциите каде што се носат одлуки. Во овој дел е опфатено само образованието, треба да се вклучат и другите институции, министерството за труд, финансии … потребен е систем на мерки – рече Стојановски.

Македонија на петто место по одлив на мозоци, се соочуваме со загуба на таленти

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот