
Другоста во средновековниот идентитет, според професорот Стојков
Во средниот век поимот за припадност е врзан строго за елитата, која со припадноста изразувала лојалност кон владетелот, а не и етничка припадност, изјави византологот Стојко Стојков, во неговото експозе за време на промоцијата на проширеното издание на неговата книга – „Многуимените Други- Македонија како пресечна точка на Другоста на средновековниот Балкан (Идентитетски Јазли)“ .
Препорачано
Ова издание на проф. д-р Стојков, всушност е и првото дело од планираната едиција на Комитетот за византологија и медиевистика – „Византина Македонија“ и првенствено се бави со идентитетот на народните маси во текот на средновековието.
– Поимот етнос во средниот век не е исто со денешното поимање за истиот поим. Постојат бројни имиња за словените коишто ја населувале територијата на денешна Македонија, поголемиот дел од нив зе егзоними, значи дадени од странци и помал дел се етноними. Со овие имиња во средниот век се облежувала пред сè другоста, односно различноста од другите – порача Стојков.
Тој смета дека секакво поистоветување на сегашните држави со средновековните е погрешно и неточно. Стојков додава и дека кога ќе се обидете да рекреирата држава која некогаш постоела е како да сте се обиделе да оживеете мртовец, кој на крајот ќе личи а Франкенштајн, а тоа е проблем кој се јавува во модерното доба и нема историски континуитет.
– Идентитети на средновековните држави се однесуваат на стотина семејства, кои се дел од владеачката елита. Кај широките маси идентитетот е менлив, зависи од моменталниот господар и делумно е верски. Кај нас тоа се задржува сè до 19 век, бидејќи во Македонија средниот век не завршува со османслиските освојувања – вели професорот.
Промотивната реч за публикацијата ја одржаа претседателот на Комитетот за византологија и медиевистика на Република Македонија, проф. д-р Тони Филипоски и проф. д-р Александар Атанасовски. Промоцијата се одржа во амфитеатарот на МАНУ.