Стојанче Ангелов/Фото: Драган Митрески - Слободен печат

ВИДЕО | „Дрисла“ нема ограда ниту камери, секој може да влезе и да подметне пожар, вели Ангелов

Припадници на криминалистичката полиција моментално се во депонијата Дрисла за да ги утврдат причините за пожарите, рече директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов на денешната прес-конференција која ја одржа на самата депонија.

Полицијата ќе врши разговори со вработените во депонијата за да се утврди дали можеби некој одвнатре е потпалувачот.

„Припадниците на криминалистичката полиција во моментот се внатре во депонијата. Не зборуваме за некој конкретно осомничен, туку едноставно ќе позборуваат со повеќето вработени да видиме дали постои можност некој од внатре да учествува во подметнувањето на пожарот или можеби некој од надвор доаѓа во самата депонија. Било кој физички малку поспремен може да дојде со канта бензин или доволно е шише бензин, затоа што се работи за запалливи гасови, да го подметне пожарот“ рече Ангелов и најави засилено полициско присуство во околината на депонијата и други методи за набљудување.

Се работи за површина од 85 хектари, а заграден е само еден дел кај влезот на депонијата. Ангелов рече дека имало повеќе камери, но дека не се сите функционални па депонијата е лесно достапна за злонамерници кои сакаат да подметнат или да го продолжат веќе постоечкиот пожар.

Според Ангелов депонијата е лошо менаџирана во делот на складирањето на отпадот, особено вели дека загрижува делот каде што се собира исцедокот, за кој вработените му рекле дека е длабок 1,5 метар, на површина колку едно фудбалско игралиште.

Во меѓувреме продолжува затрупувањето на местото каде што чади, а Ангелов е оптимист дека до вечер тоа целосно ќе биде затрупано. Тој објасни дека се работи за тесен простор кој не дозволува движење на повеќе машини, поради што се пробиваат два нови патишта кои што треба да овозможат приод на повеќе машини кои ќе бидат донесени во текот на утрешниот ден.

„Утре ќе бидеме засилени со големи и моќни машини на „Бектел и Енка“. Денес помага со машини и компанијата „Гранит“, како и машините кои се на самата депонија, но и неколку други машини од други компании“ рече Ангелов.

Имало уште најмалку три обиди за палење на самата депонија и тоа е пријавено во МВР, вели директорот на ДЗС. На прашањето дали некој ќе одговара за тоа зошто не е оградена и обезбедена депонијата, Ангелов рече дека тоа не е во негова надлежност, дека негова работа е да ги гасне пожарите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот