Драматуршки дилеми: Местото на драматичарот во театарот

Пред неколку години во театрите ширум нашата страдалница Македонија на ангро беа вработени драматурзи. По три-четири во театар. Она што треба да го направиме пред да поминеме на главното во текстот е да се потсетиме на тоа што е драматургија и кои се нејзините значења, пишува писателот Трајче Кацаров.

Според професорот Јосип Колунџиќ, објавено во зборникот „Примери од драмската техника“, драматургијата како поим за означување одредена дисциплина има неколку значења:

– Од аспект на теоретското проучување на драмското книжевно дело – драматургијата е дел од теоријата на книжевноста која се занимава со анализа на драмската фабула, утврдување на идејата на делото, осветлување на условите за развивање на дејствието и карактерите… Таквата драматургија служи на авторовите интенции во драмското дело и таа е поврзана со литературата.

– Од аспект на театарското творештво – драматургијата е помошна наука на режијата, односно нејзината улога се огледа во излагањето на логичното значење на психолошката содржина на драмските дијалози… Таквата драматургија помага за реализација на драмското дело на сцената и е дел од сценската изведувачка уметност.

– Од аспект на техниката на драмското творештво – претставува збир на правила за посебниот начин на пишување… Им служи на писателите на драмските дела и поврзана е со стручната литературна дејност за создавањето на манускрипт за различните медиуми на драмската манифестација.

– Од аспект на театарската практика – драматургијата е занимање кое ги применува теоретските принципи на „литерарната драматизација“ во театарската практика и ги спојува елементите на литерарната анализа на драмското дело со постулатите на сценското творештво од една, а со проучувањето на техниката на драмата од друга страна.

Сите овие варијанти не се одвоени туку се преплетуваат со одредени принципи на теоријата на драмската литература и во поодделни области ги збогатуваат со посебни моменти.

Фактот што драматурзите во нашите театри се оневозможени да ја практикуваат својата специјалност ни говори дека стануваат странка која е стигматизирана и е во постојана војна со другите реалитети, какви што се актерите и режисерите. Потврда за тоа можеме да најдеме во репертоарите на театрите, односно во нивното изготвување. Покрај сите желби драматурзите да дадат свој прилог во изготвувањето на репертоарот, истиот резултира на основа на творечките потенцијали, односно предрасудите на режисерите и актерите. Така репертоарот, што би рекол Никита Михалков, станува јорганче не подолго од нивните нозе.

Поинаку кажано, драматурзите се запоставуваат за да може трансгресијата на реалитетите актери и режисери да биде непречена, или по нивна мера. Поради тоа добиваме сценски изјави, најчесто или во целост со импортни конфликти, односно исчистени од книжевната реч-праксис на домашниот автор. Тоа, пак, доведува до последица – публиката да ги прима сценските изјави, претстави, како анаграми исцедени од секаква уметничка вредност, за кои, пак, е потребен засилен напор за дешифрирање. Во решението на статусот на драматурзите и нивната функционалност во театрите би требало да се почне од прашањето доставено до надлежните органи: Има ли потреба од драматичари во театрите?

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 26, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 10-12 април 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!