
Довчерашниот претседателски советник Даскаловски повикува да се раскинат договорите со Грција и Бугарија
Професорот Жидас Даскаловски, кој до крајот на минатата година беше дел од тимот советници на претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, повикува Македонија еднострано да ги раскине Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија.
Препорачано
Во интервју за порталот „МКД“ објавено неделава, Даскаловски рече: „Заветна, горда Македонија беше повик за акција кој досега го немаше. Преспанскиот договор е неодржлив за нас Македонците. За да го раскине, Владата треба да има и план и моќ тоа да го стори, или во најмала рака да се договори со Грција за негово модифицирање со, на пример користење на Република Македонија дома, но и надвор (би било значи Republic of Makedonija)“.
Професорот на Факултетот за безбедност додава дека има повеќе механизми за раскинување на договорот, но дека е потребен план за Владата потоа да може да се справи со реакциите што ќе следат.
„Механизми има многу, но треба да се предвиди наредниот чекор. Која ќе биде американската, руската, кинеската, ЕУ реакција? Што со Грција, што ќе стори Атина? Во ова бурно време, што ако ја затворат границата? Изградивме пруга до Драч? Имаме железница до Бугарија? Ако не излеземе на трите мориња плус Медитеранот, четири, ако немаме свои ресурси во земјоделство, храна, ако немаме сигурни достави на енергенси, ние ќе колабираме под грчко ембарго“, вели Даскаловски.
Тој додава дека слично е неговото мислење и за раскинување на Договорот за добрососедство со Бугарија.
„Слично е моето мислење и за договорот со Бугарија. Или ако собереме моќ, ќе го поништиме или во разумен договор со Софија и Брисел ќе го модифицираме“, повикува Даскаловски.