Досиејата од фиока не ги штитат националните интереси, туку криминалот

Се проценува што може да биде отворено за да се одговори на обврската од Договорот со Бугарија во делот на надминување на историските несогласувања, но и на европската препорака за отворање архиви на тајните служби од поранешниот режим.

Формирана е работна група од претставници на сите надлежни институции, која проценува што од архивите на тајните служби на поранешниот режим, УДБА и КОС, како и на нивните служби наследнички, може да биде отворено, а нема да им штети на македонските национални интереси. Ова министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во „Утрински печат“ го изјави на прашање дали и кога Владата ќе ја спроведе обврската од Договорот со Бугарија во делот на надминување на историските несогласувања, но и европската препорака за отворање архиви на тајните служби од поранешниот режим, како дел на борбата со организираниот криминал и корупцијата.

– Ние и сега имаме отворени бази во архивот. Сè што се наоѓа во историскиот архив е достапно за сите. На тоа веќе се работи. Формирана е работна група од претставници на МВР, Историскиот архив, Агенцијата за национална безбедност и сите други. Во рамките на законските можности ќе биде отворено тоа што може да биде отворено. Нема да се оди на штета на државата, на штета на националниот интерес – рече Спасовски.

Македонската влада уште минатата година најави нов закон со кој ќе се овозможи отворање на сите досиеја од 1945 до 1991 година досега, со што тие ќе бидат јавни и достапни за сите. Станува збор за решение со кое ќе се испочитува обврската од Протоколот што го потпишаа министерот за надворешни работи Бујар Османи и неговата тогашна колешка од Бугарија Теодора Генчовска. Во него се прецизира „сеопфaтната правна рамка за целосно отворање на архивите на репресивниот апарат на поранешните служби за државната безбедност од комунистичкиот период, вклучително полицијата, цивилното и военото разузнавање и контраразузнавање“. Би требало да биде готова за една година.

Пред неколку години членовите на Комитетот за надворешна политика при Европскиот парламент до владите на државите во регионот, меѓу кои и до Македонија, упатија повик со ваква цел за да се искоренат политичките и административните врски со организираниот криминал и со корупцијата на највисокото ниво.

– Надлежните служби во земјите од Западен Балкан би требало да ги отворат архивите на поранешните југословенски тајни служби, но и на тие што ја продолжија нивната работа – повикаа тогаш членовите на овој комитет.

Потенцирајќи дека врските помеѓу организираниот криминал, политиката и бизнисот во овие земји постоеле и пред распадот на Југославија и дека продолжиле и потоа, од Комитетот заклучиле дека до нивно расветлување може да се дојде, пред сѐ, преку овозможување пристап до досиејата на некогашната Југословенска тајна служба (УДБА) и на некогашната тајна служба на Југословенската народна армија (КОС).

Извештајот на Комитетот од пред неколку години вели дека земјите од Западен Балкан се изворишта, одредишта и транзитни коридори за трговија со луѓе, за шверц на мигранти и бегалци, како и за перење пари, трговија со огнено оружје и дрога. Се посочува и на недостигот од политичка волја во борбата против организираниот криминал. Нагласувајќи ја потребата од регионална и од меѓународната соработка во таа насока, од ЕП укажаа и на потребата земјите на Западен Балкан да ги споделуваат разузнавачките информации со членките на ЕУ и со други меѓународни партнери.

Од Владата тогаш само ја поздравија иницијативата на Европскиот парламент, а по крајно поделените оцени за ефектите од претходното отворање на досиејата заради спроведувањето на процесот на лустрација, експертите во земјава рекоа дека многу интересно ќе биде да се види како сето тоа ќе се одвива во Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот