Фото: freerangestock.com

Досега 63-ца скопјани опоменати за непочитување на новите сообраќајни правила – полицијата објасни кога ќе почнат казните

Полицијата во Скопје во изминатите три дена издала 63 опомени за граѓани кои ги прекршиле новите правила во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, но сѐ уште нема парични казни, велат од Министерството за внатрешни работи за „Слободен печат“.

Министерството нема податоци за опомени и прекршоци на новите правила во другите градови.

Од МВР додаваат дека полицијата ќе почне да казнува дури кога граѓаните ќе бидат запознаени со новите измени, иако не е јасно како ќе се утврди тој момент.

Полицајците присутни кај пешачките премини на скопските булевари

Скопските улици се полни со пешаци кои сè уште преминуваат на пешачки премин со мобилните телефони во рака или со слушалки на уши, иако од викендот важат новите законски измени. Полицијата веќе е почесто присутна на критичните локации и внимава дали пешаците и возачите ги следат правилата.

Скопјани за „Слободен печат“ велат дека забележуваат почесто присуство на полицајци кај пешачките премини на главните булевари.

– Гледам почесто полицајци кај пешачките премини на улицата „Партизанска“, а и на други места, кои внимаваат дали пешаците ги следат правилата. Некои луѓе, па и самата јас, сè уште махинално погледнуваат на телефон или зборуваат дури и кога поминуваат на пешачки. Сепак, станува збор за долготрајна навика која не запира за еден ден – вели Симона за „Слободен печат“.

Димитар од Скопје вели дека е тешко да се фатат сите луѓе кои користат некаков уред додека поминуваат на пешачки премин, посочувајќи дека новите измени на Законот не пополнуваат одредени „дупки“.

– Има полно „дупки“ што не ги разбирам. Што ако некој ме побара на телефон додека сум на пешачки премин, ја ставам раката во џеб и го исклучам додека поминувам? А што ако го извадам малку од џеб додека го исклучувам? Дали го користам тогаш? Што значи „користење мобилен телефон“? – вели тој.

Новите правила важат и за користењето паметни часовници

Новите правила предвидуваат парична казна од 40 евра за пешаци кои користат мобилен телефон, слушалки или друг електронски уред додека преминуваат пешачки премин, а возачите на велосипеди, мопеди, мотори и електрични тротинети – кои користат телефон или слушалки за време на возење – ќе се казнуваат со 50 евра.

Од МВР за „Слободен печат“ дадоа појаснување што сѐ предвидуваат новите измени на Законот.

– Измените и дополнувањата на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата се со цел да се унапреди безбедноста на најранливите категории на учесници во сообраќајот и да се намали бројот на случени сообраќајни незгоди како последица на невнимателно однесување во сообраќајот. Новите законски решенија се воведуваат во насока на елиминирање на одредени навики кај пешаците и возачите од определени категории возила, меѓу кои: пешакот е должен кога се движи по коловоз, под услови утврдени со овој закон, или кога преминува преку коловозот и велосипедската патека или велосипедската лента, да се движи и преминува внимателно, без притоа да користи електронски уреди, како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, смарт часовник или друг вид електронски уред со кој би му се намалило вниманието додека ги преминува коловозот и велосипедската патека или велосипедската лента – велат од МВР.

Возачите на велосипеди, мопеди, мотоцикли, трицикли и четирицикли не смеат да користат мобилен телефон, слушалки во двете уши, таблет, смарт часовник или друг електронски уред додека возат, бидејќи тоа ја намалува нивната можност за реагирање и безбедно управување, исклучок се само специјализираните уреди за комуникација, вградени во заштитните шлемови, велат од полицијата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот