
Доналд Трамп ги именуваше Гибсон, Сталоне и Војт за „амбасадори на Холивуд“
Доналд Трамп назначи тројца негови долгогодишни поддржувачи, славни личности – Мел Гибсон, Силвестер Сталоне и Џон Војт – за „специјални амбасадори“ на Холивуд, со цел да ја направат филмската индустрија „посилна од кога било“, пишува „Би-би-си“.
Препорачано
Новоизбраниот претседател четири дена пред неговата инаугурација ги објави овие назначувања на платформата Truth Social во четвртокот, иако нивните одговорности сѐ уште не се познати. „Имам чест да ги најавам Џон Војт, Мел Гибсон и Силвестер Сталоне како специјални амбасадори на едно големо, но многу проблематично место – Холивуд, Калифорнија“, напиша тој.
„Нивната улога ќе биде да бидат мои специјални емисари, со цел да го вратат Холивуд, кој изгуби голем дел од својот бизнис во странски земји во последните години, поголем, подобар и посилен од кога било досега! Овие три исклучително талентирани луѓе ќе бидат моите очи и уши, а јас ќе го спроведам она што тие го предлагаат за Холивуд повторно да го доживее своето златно доба, исто како и самите Соединетите држави“, рече тој.
Трамп долго време го критикуваше Холивуд, кој со големо мнозинство ја поддржа Камала Харис на претседателските избори во 2024 година. Соопштението доаѓа откако шумските пожари продолжуваат да ја пустошат Јужна Калифорнија, предизвикувајќи значителни нарушувања во филмската и телевизиската индустрија. Многумина во Холивуд ги загубија своите домови во пожарите, кои досега однесоа 25 животи, раселени десетици илјади луѓе и предизвикаа штета од повеќе од 250 милијарди долари.
Сѐ уште не се знае дали холивудското трио ќе присуствува на инаугурацијата на Трамп во понеделник. На церемонијата ќе настапи поранешната победничка на Американскиот идол и кантри ѕвезда Кери Андервуд, која ќе ја пее песната „America the Beautiful“. Меѓу изведувачите ќе биде и кантри пејачот Џејсон Алдин и долгогодишниот поддржувач на Трамп, Кид Рок, како и легендарната група „Вилиџ пипл“.