Долго време чекала пород, но желбата се оствари во 10-тата секунда од Новата Година на ГАК

Министерот за здравство, доктор Фатмир Меџити и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, денеска беа на Клиниката за гинекологија и акушерство, во посета на првото родено бебе во 2024 година.

-Станува збор за здраво машко дете, тешко 3760 грама и долго 52 сантиметри. Му посакувам многу здравје, среќа и безгрижно детство а на родителите им упатувам искрени честитки за приновата во семејството. На граѓаните им ја честитам новата година и им посакувам добро здравје и успеси, изјави Меџити.

Тој рече дека Министерството за здравство продолжува со спроведување политики за заштита на мајките и новороденчињата. Меџити рече оти во опуштена атмосфера, се обложил дека првото дете годинава ќе биде машко и тоа се остварило.

Министерката Тренчевска го откри името на бебето, Алек.

-Им честитам на мајката и таткото Стефановски. Нека им е живо и здраво, да има среќно детство и тие да бидат среќни родители, со оглед на тоа што ова им е прва рожба во фамилијата, истакна Тренчевска.

Директорката на ГАК, доктор Викторија Јовановска им ја честиташе новата година на сите граѓани.

-Им се заблагодарувам на сите вработени на клиниката. Годината почна убаво, со родени 3 бебиња сите спонтано, во првите 15 минути од новата година. Тоа е добар знак, дека годината ќе ни биде подобра од минатата и се надеваме дека ќе имаме многу повеќе здрави и доносени бебиња и повеќе среќни родители, рече доктор Јовановска.

Тимот дежурни доктори на ГАК упатија добра мисла за сите жени кои сакаат да имаат пород, да им се оствари желбата, како што тоа се случило со мајката на ова бебе, која долго време чекала на пород, но желбата и се остварила во 10 тата секунда од оваа Нова Година.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот