Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Долгиот пат до правдата за најголемата трагедија во поново време – предметот го „врти“ вториот круг од Кочани до Скопје

Предметот против 34 осомничени и по половина месец не е стигнат за оценка, бидејќи патуваше од кочанскиот, преку штипска Апелација, до Врховен, за повторно да се врати кон Штип и Кочани и конечно да стигне до скопскиот кривичен суд.

На 13 јуни Обвинителството поднесе обвинение против 34 осомничени за најголемата трагедија во Македонија во поново време, но и по половина месец обвинението не е стигнато на оценка за да биде закажано првото рочиште, бидејќи патува низ судовите – од кочанскиот, до штипска Апелација, па до Врховен, за повторно да се врати кон Штип и Кочани и конечно да стигне до скопскиот кривичен суд.

Скопскиот суд ќе треба да го оцени обвинението, па потоа да им се суди на сопственикот на дискотеката Дејан Јованов Деко, на поранешни градоначалници и функционери, како и на по некој актуелен. Предметот, всушност, од Кочани се праќаше кон Скопје, па повторно во Кочани, за сега да го почне неговиот пат кон Скопје, поточно до Кривичниот суд.

Неколку денови откако беше поднесено, претседателот на кочанскиот суд Спиро Борисов за медиумите кажа дека стигнало обвинението, но судот во градот на исток има само пет судии, кои веќе одлучуваа за притвори и жалби на обвинетите, па побара од штипскиот Апелациски суд да одлучи дали овој суд ги исполнува законските услови за оценување на обвинението.

Марш за ангелите во Кочани, продолжува борбата за правда: Судиите право да судат!

На 20 јуни, штипска Апелација објави соопштение дека ниту еден суд од штипското апелациско подрачје не може да го оценува обвинението, па побара од највисокиот Врховен суд да определи друг надлежен суд.

– По одржаниот колегиум на сите судии на Апелационен суд Штип на ден 20.06.2025 година, кривичниот совет кој постапува по предметот, оформен пред Апелационен суд Штип по горе наведеното барање, по доставеното мислење од ВЈО Штип, и по целосната анализа на кадровскиот и техничкиот потенцијал на преостанатите судови со проширена надлежност од подрачјето на Апелационен суд Штип – Основен суд Штип и Основен суд Струмица, смета дека постојат правни и стварни причини поради кои што судовите од подрачјето на Апелациониот суд Штип се спречени да постапуваат по наведениот предмет, согласно чл.27 ст.3 од ЗКП одлучи да достави образложен Предлог до Врховниот суд на РСМ за пренесување на надлежноста и определување на друг стварно надлежен суд кој ќе постапува по оценката на поднесеното обвинение на ОЈО Кочани од 13.06.2025 година и по предметот во понатамошната постапка – се вели во соопштението на Апелациониот суд.

Мицкоски: Нема да ја коментирам истрагата за трагедијата во Кочани за да не влијаам на постапката

По дури пет дена од соопштението на штипска Апелација, Врховниот суд објави дека е уважен предлогот за пренесување на надлежноста во предметот за пожарот во „Пулс“ во Кочани и одлучи еден од најголемите предмети досега, за којшто е заинтересирана цела јавност, да се суди во најголемиот – Кривичниот суд во Скопје.

– Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија, денес, на 25 јуни 2025 година, донесе Решение КР-35/25, со кое за стварно и месно надлежен суд за постапување по предметот КООА бр.13/25 на Основен суд Кочани, оформен во врска со пожарот кој се случи на 16 март 2025 година во дискотеката „Пулс“, го определи Основниот кривичен суд Скопје – соопшти Врховниот суд.

Иако завчера во писмен одговор за медиумите Врховниот суд кажа дека одлуката е испратена во петокот, односно на 27 јуни, два дена откако е донесена одлуката, сепак в.д. претседателот на Врховниот суд, Џемали Саити, за изјава за „Слободен печат“ вели дека одлуката до штипска Апелација била испратена во понеделникот наутро.

– Во понеделникот сабајле е пратен преку пошта, не знам поштата кога ги собира и носи, ама веројатно е стигнат вчера – ни изјави Саити.

На нашето прашање дека решението е донесено на 25-ти, а бил испратен на 27-ми, во петокот, Саити вели дека во петокот била потпишана и верификувана одлуката, но не стигнале да ја пратат, па тоа го направиле во понеделникот.

– Тоа е многу важна одлука и требаше да го пишуваат колегите и добро да го образложат, бидејќи секој во државата кај нас има мислење како треба и што треба да се прави. Одлучено е тој ден (на 25-ти јуни), потпишана е одлуката и верификувана во петокот, околу 14:30 часот. Немаше можност да се прати во петок, па е пратено вчера, уште рано сабајле, но не можам да гарантирам кога поштата ќе ги однесе пратките. Веројатно е стигната денеска (во вторник, 1 јули). Малку пат е, но ова е полесниот пат отколку да се чекаше да се изземат сите судии цело лето во Кочани, Штипско итн. и да биде судењето пред Нова година. Таму се роднини сите меѓу себе – вели Саити.

Претседателот на Апелацискиот суд во Штип, Тони Делев, за „Слободен печат“ потврди дека предметот е стигнат и ќе се врати во кочанскиот суд.

– Денеска (1 јули) стигна и веќе е спремен предметот и го праќаме назад во Кочани, заедно со сите материјални докази, зашто уште стојат таму, нели. Има една соба материјали, докази, буквално сè ќе оди во Скопје – ни изјави Делев.

Мицкоски: Нема да ја коментирам истрагата за трагедијата во Кочани за да не влијаам на постапката

Откако предметот ќе стигне во Кривичниот суд Скопје, според првичните проценки, нема веднаш да биде оценет, со оглед на тоа што треба да се прати до странките за евентуален приговор, а има 34 обвинети.

– До Основен Кривичне суд се уште не е доставено решение од Врховен суд во однос на предметот за пожарот во Кочани. Штом биде доставено веднаш се распределува на оценка согласно АКМИС системот на Совет на оцена и започнува постапувањето односно се доставува до спротивставената страна и се чекаат приговори, по што се одлучува – велат Кривичен.

Обвинение уште не е поднесено за полицајците, бидејќи тие не се во притвор, а за нив постапката води Обвинителството за гонење на организиран криминал. Родителите на загинатите што протестираат секоја сабота најголемата одговорност пак ја лоцираат кај полицијата.

Трагедијата се случи на 16 март. Во пожарот што избувна во дискотеката загинаа 62 млади луѓе, а повеќе 200 беа повредени и сè уште закрепнуваат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот