
ДОКУМЕНТИ | Компримираниот воздух на Клинички кој всушност е лек, не бил според европски стандард!
Компримираниот воздух кој според европските прописи се смета за лек, во компресорската станица на Клинички центар отстапувал од европските стандарди, покажа мерењето на германската компанија „Дрегер“ нарачано од Министерството за здравство.
Препорачано
„Слободен печат“ дојде до одговорот зошто се менува компресорската станица од која зависат хируршките сали на Клинички центар.
Документите до кои дојдовме покажуваат дека на 3 јуни годинава, стручен тим од претставништвото на германската фирма Дрегер, зел примероци од компримираниот воздух од станицата на Клинички центар. Примероците се земени во потстаницата за компримиран воздух, од потрошните места во операционите сали и од интензивна нега на Клинички центар и откриено е дека компримираниот воздух не е според европски стандард. Се поставува прашањето колку време тоа било така и каква е состојбата со другите здравствени установи во државата кои исто така имаат компресорски станици.
Станицата за компримиран воздух е пуштена во употреба во 1992 година и во тоа време била во согласност со регионалните регулативи. Станицата е одржувана во согласност со препораките на производителот.
„Во меѓувреме стандардот за квалитет на медицинскиот воздух е променет. Според последните прописи, тој се третира како лек и неговиот состав го пропишува Европската фармакопеја – монограф 1238. Со самото тоа постоечкиот систем не може да ги исполни строгите прописи кои се донесени отпосле.
Мерењето кое е извршено на 3 јуни 2024 година покажува ниво на влага во медицинскиот воздух од 245 ппм, додека нивото на маслена пареа е измерено и изнесува 0,6 милиграми на метар кубен и на мерното место во станиците и во оперативниот блок.
Нивото на влага кое го пропишува европската фармакопеја е 67 ппм додека за маслена пареа 0,1 милиграми на метар кубен. Начинот на кој медицинскиот воздух треба да се доведе на ниво пропишано со стандардот е замена на целата станица. Овие измерени вредности се во границите на очекуваните резултати за овој вид и старост на опремата“, пишува Дрегер.
Според сознанија на „Слободен печат“ има и македонска фирма која што зела примероци од компресорите и нивните сознанија се доставени во извештај до ТОАРИЛУЦ на 9 јули годинава. Го побаравме тој извештај и од ТОАРИЛУЦ и од Министерството за здравство, и чекаме одговори.