Доктор Злате Мехмедовиќ: Немаме национален протокол за лекување ковид, а треба да имаме

Медицинско лице се грижи за пациент на Инфективната клиника во Скопје / Фото: Слободен Печат / Драган Митрески
Медицинско лице се грижи за пациент на Инфективната клиника во Скопје / Фото: Слободен Печат / Драган Митрески

Лекарите од секоја болница во земјава лекуваат од ковид-19 по сопствено убедување, затоа што нема национален, унифициран протокол што по закон мора да биде потпишан од министерот за здравство и мора да е објавен во „Службен весник“, дециден е д-р Злате Мехмедовиќ од Здравствениот дом Скопје.

Постои еден протокол од Миленковиќ, кој Министерството го има објавено на страницата на почетокот на пандемијата, кој е хаотичен и не се користи во ковид-центрите. А национален протокол претставува упатство пропишано со закон потпишано од министер, објавено во „Службен весник“, кој ќе мора да го користат сите ковид-центри и сите доктори, такво нешто нема. Како лекуваат докторите? Се договараат на ниво на стручен колегиум. Како што знаеме, стручни колегиуми има само во здравствените установи на највисоко ниво. На веб-страницата на Министерството за здравство има упатства за лекување разни болести – за дијагностика, за терапија, кога пациентот треба да се испише, кога да се хоспитализира. Таква работа за ковид-19 нема – изјави д-р Мехмедовиќ за „Слободен печат“.

Примерот со ивермектин

Тој објаснува дека протоколот што го нема државата, всушност претставува задолжителен начин на кој мора да лекува секој доктор. Негова главна цел е да го заштити лекарот.

Затоа се случува на Инфективната клиника да не сакаат да го препишуваат лекот ивермектин. На Пулмологија, пак, на стручен колегиум решија да даваат ивермектин, но тоа е врз основа на индивидуалната процена на лекарот – дали треба или не треба. Не може така, ако е протокол, се знае точно што, кога и како се дава, а не да биде процена на лекарот. Лекарите сега имаат одврзани раце да постапуваат според нивното знаење – вели Мехмедовиќ.

Според него, тука влијаат повеќе фактори, како етика, професионалност, стручност.

– Поентата на протоколот е да се заштити лекарот од одговорност, да се осигури дека направил сè како што е пропишано во упатствата од министерот и дека не згрешил ништо. Сега некој пациент и да каже дека лошо го третирале во некоја болница, треба да седнеме и да докажуваме дали е добро третиран. На крај повторно доаѓаме до проблемот дека нема протокол по кој морало да постапува лекарот – вели Мехмедовиќ.

Прашан како тогаш се лекува во болниците ако не се лекува според протокол, тој тврди дека секој ковид-центар самиот решава чиј странски протокол ќе го усвои.

Бидејќи немаме протокол од државата, на стручен колегиум се договараме кој протокол од странство ќе го прифатиме. За неколку денови се случува да се промени протоколот и да се следи некој друг, од друга држава. Но повторувам – станува збор за преземен протокол од странство. Немаме национален протокол, односно упатство потпишано од министерот, а треба да имаме – смета Мехмедовиќ.

Протоколите треба да постојат. Ние може и најлош протокол да донесеме, ама кога ќе се види со лекувањето дека е најлош, треба да се ревидира и да се подобри. Да видиме што направиле ново во САД, во Германија, како постапило здружението на инфектолози во Хрватска, па да го ревидираме и ние нашиот протокол, вели Мехмедовиќ.

Антибиотик се дава од ракав

Во неговата медицинска практика, Мехмедовиќ гледал пациенти на кои им биле препишувани антибиотици поради ковид-19, без воопшто да им биде направена крвна слика, односно без да се знае точно дали имаат бактериска инфекција, што е услов за препишување антибиотик.

На овој проблем неодамна предупреди и епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски, кој ги повика стручните здруженија да направат работна група, составена од инфектолози, пулмолози и анестезиолози и да донесат упатство за третман на болни од ковид-19. Ниту во протоколот за лекување ковид во САД, ниту во тој од СЗО не се споменуваат антибиотици во основните протоколи, освен ако постои индикација за бактериска пневмонија.

Антибиотици точно треба да се знае кога се користат. Ако пациентот нема бактериска инфекција, тогаш вирус и антибиотик не одат едно со друго. Превентивно давање антибиотик кај вируси е неоправдано. А се даваат антибиотици и без да се направи испитување на крв – вели Мехмедовиќ.

Според него, причините за високата смртност во земјава се лоцирани и во превентивата и во клиничката практика. Најголем дел од починатите не се вакцинирани, но има општествени фактори ризични за трансмисија, како тоа што децата одат на училиште со физичко присуство, а и пациентите доаѓаат во болница многу доцна и умираат брзо по хоспитализацијата.

– Сè повеќе луѓе умираат во домашни услови. Кога ќе дојдат со тешка клиничка состојба зашто седеле дома, а кај делта варијантата за неколку часови може да се смени клиничката слика и сè да се влоши, нема веќе што да се направи – смета Мехмедовиќ.

Протоколот е важен и за матичните лекари

Проблемот со непостоењето национален протокол за лекување ковид-19 се однесува и на матичните лекари, а не само на специјалистите во терциерното здравство.

– Има ли протокол кога од матичен лекар треба да дојде пациентот во ковид-центар? Нема. Има ли протокол кога да се тестира пациентот? Нема. Како да се води амбулантски и кога да му се прави лабораторија? Нема. Кога да му се прави испитување на де-димери? Нема протокол. Кога да му се даде кортико-терапија? Нема. Нема протокол ни за рехабилитација, откако ќе се вратат дома негативизираните пациенти. Нели велиме дека имаме многу мозочни удари, срцеви удари и тромбози? Зошто не се контролира тоа? Луѓето ни умираат после ковид од други компликации. И за тоа треба протокол. Целиот систем би функционирал многу подобро – вели Мехмедовиќ.

Постои унифицирано лекување на пациентите, велат од Министерство

Од Министерството за здравство за „Слободен печат“ тврдат дека од почетокот на пандемијата постои унифицирано лекување на пациентите со ковид-19.

„Станува збор за единствен тераписки пристап приспособен кон секој индивидуален пациент. Секој пациент добива индивидуализиран тераписки пристап според возраста и останатите коморбидни состојби. Од почетокот на пандемијата, во нашата држава врвни експерти од различни области во медицината се координираат и одлучуваат за терапискиот пристап за лекување пациенти со ковид-19. Одлуките се базираат на веќе објавени протоколи на светско ниво. Националните протоколи се надградуваат во согласност со промена на светските стандарди на лекување на пациентите со ковид-19“, велат од Министерството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот