
Договор за стратешко партнерство: Шест милијарди евра за инвестиции, дел во инфраструктура
Договорот за стратешко партнерство со Обединетото кралство ќе биде основата и фундаментот на инвестициски циклус кој ќе има вкупна рамка од шест милијарди евра, а дел од парите ќе бидат за инвестиции во инфаструктурата, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Препорачано
Дел од парите ќе бидат за инвестиции во инфаструктурата, изградба на модерна карго и брза патничка железница од Табановце до Гевгелија, инвестици во здравстото и нови болници, завршување на проектот на Клиничката болница во Штип, заедно со зградата на новиот Медицински факултет, студентски дом со капацитет од 900 легла, изградба на болницата во Кичево, заедно со здравствен дом, реконструкција на Клиничката болница во Тетово.
Во наредниоте денови ќе се потпишат договори и за овие инвестици – рече Мицкоски на заедничка прес-конференција со британскиот амбасадор Метју Лосон во Владата.
Британскиот амбасадор, Метју Лосон рече дека тие се големи инвеститори и дека британската Влада реши да го надградува тоа преку договор меѓу двете влади кој се фокусира на трговија и инвестиции за да се креира поголем раст од кои граѓаните ќе имаат корист.
Во однос на условите за најавените инвестиции од договорот, според премиерот Мицкоски се работи на деталите кои , според него, се најдобрите што некој може да ги има на пазарот. Со потпишувањето на договорот, Македонија треба да добие пристап до британска експертиза, финансиска поддршка за реформи и можности за британски инвестиции во стратешки сектори како енергетиката, инфраструктурата и иновациите.
Договорот, според Лосон, не предвидува изградба на кампови за мигранти во Македонија.
Сосема е друга приказна тоа што се зборува дека ќе се прифаќаат мигранти, не се работи за тоа сакам навистина да бидам јасен во тој дел затоа што она на што се договоривме е дека ова е широко партнерство во однос на безбедноста, трговијата, одбраната, образованието, инвестиции. Во овој договор се работи за подобра соработка на полициските сили и справување со криминалните банди и групи, се работи само за тоа – истакна британскиот амбасадор.