Фото: Слободен печат

Додека Вики и Дани „војуваат“, МВР тврди дека постапува по сите предмети

„Војната“ помеѓу Висар Ганиу и Данела Арсовска започна токму со ѓубрето, а потоа продолжи со дивоградбите. Градоначалникот на Чаир вчеравечер истовари ѓубре пред Град Скопје, а Арсовска деновиве посетува објекти низ Чаир за кои тврди дека се дивоградби.

Десетици граѓани предводени од градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, истоварија камион полн со вреќи со отпад пред бараките на Град Скопје и канцеларијата на градоначалничката Данела Арсовска, во знак на револт затоа што редовно не се собира ѓубрето во нивната општина. Потоа ќесите беа искинати и ѓубрето беше расфрлано на целиот простор. На овој грд чин присуствуваа и полицајци, кои се обидуваа мирно да ги растераат насобраните граѓани.

Потоа таму се појави и градоначалничката Арсовска, со пренос во живо од својот телефон и со зборовите „А бе, Вики, кај си бе дечко ти, зошто не причека да дојдам“.

„Војната“ помеѓу Ганиу и Арсовска започна токму со ѓубрето, а потоа продолжи со дивоградбите. Градоначалникот Ганиу тврдеше дека „Комунална хигиена“ не го собира ѓубрето во општина Чаир, а од претпријатието возвратија дека Општината ѝ должи на „Комунална“ над 7 милиони денари и е единствената општина во Скопје што има долг кон ова претпријатие. Но, и покрај тоа, како што тврди директорот на комуналците, Сабахудин Рустеми, редовно се празнат контејнерите во Чаир, иако имале сигурни информации дека во неколку случаи самата општина намерно организирала фрлање отпад надвор од контејнерите.

Данела кажа што имаше, на потег се институциите

Последниве денови, пак, Арсовска оди по објекти во Чаир за кои тврди дека се дивоградби. Последната „посета“ беше на десеткатница за која градоначалничката тврди дека е легализирана со фалсификувани документи, дека се гради без дозвола, на државно земјиште, без проект и без платени комуналии. Таа ги повика и институциите да реагираат, а денеска повторно го повика Јавното обвинителство.

Апелирам, Јавното обвинителство да се одважи за да не биде ставено во функција на политички промотор на власта и да не биде инструментализирано како пи-ар на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН. Во Чаир има повеќе од 150 документирани, утврдени дивоградби, кои се спротивно на закон градени сега, а не во 2011 година, без или со фалсификувани документи – вели Арсовска апелирајќи итно да се обезбедат доказите од Општина Чаир, бидејќи имала информација дека за фалсификатите и дивоградбите таму активно се уништуваат докази.

И додека јавноста ја очекува реакцијата на институциите, министерот за животна средина Изет Меџити најави кривична пријава за Арсовска, поради, како што вели, лажните тврдења во врска со објектот во Чаир. Според него, овој случај е „последен обид и план на Ахмети за дестабилизација преку општините“, а дека овој пат инструмент е градоначалничката Арсовска. Притоа ѝ порача на Арсовска повеќе да се занимава со своите надлежности.

Меџити ѝ се закани со кривична на Арсовска, тврди дека таа е инструмент на ДУИ за дестабилизација на општините

На прашањето до МВР дали постапуваат по сите обвиненија што деновиве се слушнаа од скопската градоначалничка, но и околу истурањето на ѓубрето пред градските бараки, оттаму тврдат дека СВР Скопје постапува за сите предметни настани.

По основ на настанот од 24.5.2025 за објект на улицата „Афузпашина“, по пријавен настан од инспектори од Град Скопје е излезено на лице место, преземени се мерки и активности, извршени се разговори и изготвен е соодветен службен материјал. Исто така, и по однос на настанот од 27 мај, СВР Скопје излезе на лице место, на улицата „Џон Кенеди“, каде што беа преземени потребните службени дејства, изготвен е службен материјал, а по обезбедување дополнителен материјал во врска со горенаведениот настан, до ОЈО Скопје ќе биде доставен соодветен поднесок – велат од МВР и посочуваат дека е доставен допис и до Град Скопје за обезбедување на целокупната документација што се однесува на предметните настани.

Притоа, како што тврдат, СВР Скопје е во тесна координација со ОЈО Скопје и ќе преземе и дополнителни мерки и активности во насока на целосно расчистување на случаите.

Во врска, пак, со настанот од 28 мај, пред објектите на Град Скопје, ве информираме дека во 23.05 часот беше пријавено дека група луѓе (од 30 до 40 граѓани) се движат од објектот на Владата на РСМ кон Градскиот парк, а во 23.20 часот инспектор од Град Скопје пријавил дека пред бараките на Град Скопје повеќе лица со камион исфрлиле отпад. Полициски службеници веднаш излегле на терен, преземени се сите службени дејства, извршени се разговори, а екипа на ЕУМНА фотографираше на лице место. Со оглед дека е констатирано прекршување по основ на Законот за јавна чистота, инспектори при Град Скопје го одзеле товарното возило марка „мерцедес“ и во придружба на полициски службеници од Единицата за интервентна полиција, возилото е однесено во „Дрисла“ – велат од Министерството во одговор за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот