Фото: МИА

Доцни вработувањето на приватните специјализанти, а на здравството очајно му се потребни

Не се оствари ветувањето на Министерството за здравство дека ќе се вработат 300 приватни специјализанти до крајот на 2024 година и уште толку во 2025 година. Има застој во процедурата а приватните специјализанти се жалат во редакцијата на „Слободен печат“ и стравуваат дека ќе помине и јануари исто како што помина и декември – а тие ќе останат на цедило.

Од Министерството за здравство во писмен одговор до „Слободен печат“ велат дека уште немаат обезбедено ни согласност од Министерството за финансии за овие вработувања што е основен предуслов тие да добијат постојан работен ангажман и приходи.

– Во завршна фаза е процедурата за реализација на новите вработувања и за таа цел во тек се измени на систематизациите во јавните здравствени установи. Очекуваме во најскоро време оваа административна постапка да биде завршена. Во меѓувреме, во тек е постапка за добивање согласност од Министерство за финансии за установите во кои има слободни работни места во систематизациите. Наш врвен приоритет е зајакнување на капацитетите на јавните здравствени установи со посебен фокус на реализација на оваа постапка – велат од Министерството за здравство.

Претседателката на Здружението на лекари специјализанти доктор Александра Георгиева за „Слободен печат“ вели дека специјализантите немаат никакви информации за тоа кога ќе бидат вработени. Една од Клиниките каде се чекаат нивните вработувања е Клиниката за онкологија која што има голема потреба од кадри. На Онкологија се потребни медицински сестри и лекари, физичари, но и административен кадар. Проектираната бројка на луѓе што треба да се вработат е 50, но етапно и не одеднаш.

Во исто време, дел од ангажираните здравствени работници што работат со договор на дело и без трајно вработување, а кои се 1.118 на број, во речиси секоја јавно-здравствена установа, останаа без продолжување на договорите. Министерството за зравство уверува дека тие ќе добијат решенија во наредните месеци. Станува збор за лица кои што работат на различни позиции, од медицински сестри до хигиеничарки.

„Сите договори на дело се продолжени до 31 март. Тоа значи дека после месец март може да се вработат, најрано средината на март почетокот на април“, велат од Министерството за здравство.

Пред Нова Година се чекаше на Министерството за финансии да се финализираат согласностите за позициите по систематизацијата за 2025 година.

Владата уште на средината на летото, откако приватните специјализанти со месеци протестираа и бараа достојни услови за работа, им вети вработувања. Половината од нив требаше да бидат вработени до крајот на 2024 година што не се оствари, а останатите во 2025 година. Ниеден од нив досега не стапил во работен однос и покрај тоа што Министерството за здравство декларативно се изјаснува дека се неопходни и потребни. На целата ситуација во здравството исто така се надоврзува и фактот што 2025 година ќе биде годината во која десетици лекари специјалисти ќе заминат во пензија со што пациентите и здравствените установи ќе загубат огромно медицинско искуство.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот