Добрe дојдовте во реалниот свет

денко малески
Професор Денко Малески, Фото: Слободен печат/Архива

Сега треба, сите ние што зборувавме поинаку, да покажеме „трпеливост и мудрост“ кон партијата што допрва треба да ја апсолвира азбуката на меѓународните односи зашто само тие се во состојба да го соочат народот со горчливите реалности, а тој да поверува. Сите други се предавници. Велат дека само Ричард Никсон, претседателот на Америка, заколнат антикомунист, можел да ја признае комунистичка Кина и да ѝ дозволи таа да си го заземе своето истакнато место во меѓународната политика. Сите други би биле предавници на Америка. По некаква аналогија, само водството на нашите националисти, прифаќајќи ја реалноста, можат да донесат вистинско помирување дома и со соседите. Но, тоа е еден тежок и неизвесен процес.

Да се дојде на власт и да се преземе одговорност за безбедноста и благосостојбата на народот е реалност што може и да отрезни. Соочувањето со таа реалност почна да ѝ се случува на ВМРО-ДПМНЕ уште од првиот ден. Како, инаку, претседателот на партијата Мицкоски би кажал дека партијата што ги брани интересите на еден мал народ „во Европа, македонскиот народ, треба да е мудра“.
Не треба да правиме избрзани чекори што може да нè чинат многу. Мора да сме трпеливи, мора да сме попаметни… зашто само така можеме да опстанеме во круг на многу предатори… Во меѓународното право, според кое националистите досега ја формулираа својата надворешна политика, нема „предатори“ ниту борба за „опстанок“ туку само рамноправни држави.
Добре дојдовте во реалниот свет. За реалниот свет зборувам од првите денови на независноста. Но, тоа што сум го рекол јас и не е толку важно. Важен е ставот на партиите што ја креираат државната политика на земјата.
Ако ја формулираат според меѓународното право, готови сме.
Ако се држат до аксиомите на науката на меѓународната политика што зборува за интереси, за моќ, за влијанија, за рамнотежа на сили, дипломатија, компромиси и сл., имаме шанса да опстанеме. Затоа, многу е важен вокабуларот на идниот премиер и претседател на Македонија. Имено, мала држава нема друго оружје освен да се повикува на меѓународното право, но тешко таа држава ако нејзините политичари ја игнорираат реалноста и поверуваат во магијата на нормата.
„Против природата не можеме, како народ сме од најмалубројните во Европа“, исправно ќе рече Мицкоски, човекот кој доби мандат да одлучува за војна и за мир. Против „природата“? Всушност, мисли на една горчлива реалност: дека моќта во меѓународната политика е нешто што ѝ недостасува на Република Северна Македонија.
Сега треба, сите ние што зборувавме поинаку, да покажеме „трпеливост и мудрост“ кон партијата што допрва треба да ја апсолвира азбуката на меѓународните односи зашто само тие се во состојба да го соочат народот со горчливите реалности, а тој да поверува. Сите други се предавници. Велат дека само Ричард Никсон, претседателот на Америка, заколнат антикомунист, можел да ја признае комунистичка Кина и да ѝ дозволи таа да си го заземе своето истакнато место во меѓународната политика. Сите други би биле предавници на Америка. По некаква аналогија, само водството на нашите националисти, прифаќајќи ја реалноста, можат да донесат вистинско помирување дома и со соседите. Но, тоа е еден тежок и неизвесен процес. Луѓето мислат онака како што мислат и тоа тешко се менува со аргументи. Лекот или отровот е тие нивни ставови да се скршат од реалноста. Но, тогаш, штетата за државата и за народот е веќе направена.
Ние имаме право да ја нарекуваме земјата како што сакаме, ќе изјават нашата претседателка и идниот премиер. Вчера, од митинг во Лерин, грчкиот премиер довикна преку границата дека немаме право самите да си го бираме името. Решение?
Меѓународниот суд на правдата, кој сигурно, на крајот од еден долг процес, ќе пресуди во наша корист. Секоја држава, имено, може да си го одбере името. Освен во еден случај: ако не може. Може ли Македонија? Грција вели дека нема ЕУ без почитување на Преспанскиот договор. Па, тогаш не одиме во ЕУ? Но, приказната за положбата на малите држави во меѓународната политика не завршува тука. Америка, суперсилата од која зависи и нашата безбедност, инсистира да станеме дел од обединета Европа, а тоа не може без поддршка за името од Преспанскиот договор.
Угоре високо, удолу длабоко, ќе рече некој.
Друг ќе рече дека сè е многу едноставно и зависи од волјата претседателката и премиерот да изустат: Северна Македонија. Сите, и дома и надвор ќе го чекаат тој момент. Но, политичарите, по правило, се луѓе со големо его, инаку не би биле таму кај што се. Затоа, вистинското прашање е дали, ако и натаму одбиваат да изговорат „Северна Македонија“, претседателката и премиерот ќе го поминат мандатот во политичка криенка зад изразите „нашата држава“ и „оваа земја“?

Либертас

(Авторот е професор и прв министер за надворешни работи)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот