Женски фигурини во Чатал Хојук во Турција / Фото: : Jason Quinlan

ДНК стара 9.000 години од гробница во Турција донесе шокантно откритие: Поврзано е со жени и девојчиња

Древна ДНК од гробниците од каменото доба во Турција конечно стави крај на повеќедецениската дебата за тоа дали 9.000 години стариот прото-град Чатал Хојук бил матријархално општество.

Истражувањето конечно го потврди она во што експертите долго време се сомневаа: жените и девојчињата биле клучни фигури во ова земјоделско општество.

– Со Чатал Хојук, сега го имаме најстариот генетски утврден модел на општествена организација во општествата што произведуваат храна. А, се покажа дека бил насочен кон жените – рекол за „Лајв саенс“ (Live Science) коавторот на студијата Мехмет Сомел, еволутивен генетичар на Техничкиот универзитет на Блискиот Исток во Турција.

Новото истражување беше објавено во четвртокот (26 јуни) во списанието „Саенс“ (Science).

Сместен во јужно-централна Турција, Чатал Хојук е изграден околу 7100 година п.н.е. и бил населен речиси 1.000 години. Оваа огромна населба – која се простирала на 13,2 хектари – позната е по куќите во кои се влегувало низ покривите, погребувањата под подовите на куќите и богатата симболика што вклучувала живописни мурали и разни женски фигурини.

Кога археологот Џејмс Меларт првпат го ископувал Чатал Хојук во раните 1960-ти, бројните женски фигурини ги толкувал како доказ за матријархално општество кое практикувало култ на „мајка божица“, веројатно во обид да се обезбеди добра жетва по големата економска транзиција од собирањето кон земјоделство засновано на житарките.

Во 1990-тите, археологот од Стенфорд, Јан Ходер, ги презел ископувањата и неговите истражувања наместо тоа сугерирале дека општеството било во голема мера егалитарно, без значајни социјални или економски разлики помеѓу мажите и жените.

За дополнително да ја испитаат општествената организација во Чатал Хојук, во новата студија тимот истражувачи, меѓу кои биле и Сомел и Ходер, ја анализирале ДНК на 131 скелет кои датираат помеѓу 7100 и 5800 година п.н.е., кои биле закопани под подовите на куќите.

Истражувачите поврзале 109 лица од 31 објект и откриле дека сите членови на најблиското семејство (родители, деца и браќа и сестри) биле погребани заедно во истата куќа, додека членовите на поширокото семејство (чичковци, тетки, внуци, баби и дедовци) и роднини од трет степен (први братучеди, прабаби и прадедовци) често биле погребувани во блиските куќи. Ова сугерира дека нуклеарните или проширените семејства играле улога во структурата на домаќинствата во Чатал Хојук, напишале истражувачите.

Матријархат или само женски лози?

Но, се појавила уште една интересна тенденција во меѓугенерациските врски на погребувањата во куќите, наведуваат истражувачите: биле засновани првенствено на мајчините лози.

– Не ги баравме конкретно овие мајчински врски во куќите. Но, тоа јасно покажува дека практиките насочени кон мажите, кои се често документирани во неолитското и бронзеното доба во Европа, не биле универзални – рекол Сомел.

Анализата на древната ДНК, исто така, го открила биолошкиот пол на бебињата и малите деца, што не е е можно да се утврди само од скелетите пред пубертетот. Откако бил утврден полот на децата, истражувачите идентификувале образец на подароци во гробовите кој бил поврзан со девојчињата.

– Образецот според кој на девојчињата во гробовите им биле ставани повеќе подароци е нешто што не го очекувавме – рекол Сомел.

Чатал Хојук е најстарото општество каде што ДНК доказите открија општествена организација насочена кон жените.

– Според моите сознанија, ова претставува прв систематски доказ за континуирана матрилинеарна организација на неолитска заедница – рекол за „Лајв саенс“ Јенс Нотроф, археолог во Германскиот археолошки институт, кој не бил вклучен во истражувањето.

– Префериравме да го користиме терминот „насочено кон жените“ наместо „матрилинеарно“, бидејќи матрилинеарно се однесува на тоа како луѓето го дефинираат сродството. Домаќинствата во Чатал Хојук можеле да бидат матрилинеарни, но сметаме дека е подобро да се користат поопшти изрази. Секогаш е добро да се биде претпазлив – рекол Сомел.

Но, Бенџамин Арбакл, археолог на Универзитетот во Северна Каролина во Чапел, кој не бил вклучен во студијата, напишал во коментар во списанието „Саенс“ дека „ако обрасците според полот биле обратни, веројатно би имало мало двоумење да се заклучи дека постоеле патријархални структури на моќта“.

– Ова ја одразува тешкотијата што ја имаат многу истражувачи во замислувањето на свет во кој женската моќ е значајна, и покрај изобилството на археолошки, историски и етнографски докази дека матријархалните полиња на моќта некогаш биле и сè уште се широко распространети – рекол Арбакл.

Чатал Хојук сега јасно се разликува од патрилинеарните модели што се гледаат во неолитската Европа, рекол Нотроф, што „го поставува интригантното прашање кога, како и зошто дошло до толку длабока промена во општествената организација“.

Анализирањето на скелетите од Чатал Хојук за да се разберат општествените врски е само почеток, рекол Сомел. Утврдувањето дали ова наоѓалиште е единствено ќе биде важен следен чекор.

– Сега собираме слични податоци од постарите општества во регионот, па се надеваме дека наскоро ќе имаме одговор! – рекол тој.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот