
ДЛУБ му врачи награда за животно дело на ликовниот уметник Панде Петровски
По повод 65 години творештво Друштвото на ликовни уметници на Битола (ДЛУБ) му врачи награда за животно дело на ликовниот уметник Панде Петровски (1939).
Препорачано
Врачувањето на наградата за животно дело на ДЛУБ беше проследено со монографски каталог и ретроспективна изложба на Панде Петровски, која на 16 октомври беше отворена во изложбениот салон – фоаје на НУ Центар за култура Битола.
Панде Петровски е сликар, карикатурист и писател кој ја користи традицијата за да создаде чудесни импресии од македонскиот предел и македонската душа. Роден е во Битола, во 1939 година. Завршува Педагошка академија Ликовна група, во Скопје во 1963 година. Самостојно изложува од 1959 година и до денес има организирано 25 самостојни изложби во Македонија, Србија, Шведска и Австралија.

Во своето досегашно ликовно творештво, Петровски редовно учествува на над стотина групни изложби во Македонија, Србија, Турција и Бугарија. Член е на Македонското научно друштво во Битола, ДЛУБ и ДЛУМ, а членува и во Здружението на карикатуристи на Македонија. Членувал во Организациониот одбор на Триеналето на современа југословенска графика, а работел и како сценограф на Фестивалот „Илинденски денови“ од основањето до денес.
Автор е на неколку книги на афоризми и хуморески. Учесник е на повеќе ликовни колонии во Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Романија… Добитник е на повеќе награди за афоризми. Позначајни награди за карикатура се: Трета награда на југословенски конкурс во 1988 год. и Специјална награда на 37. Светска галерија на карикатурата на „Остен“ во Скопје, во 2009 година.
Од наградите за сликарство се издвојуваат: „Мајска награда“ на ДЛУБ во 1978 год., наградата „4 Ноември“ на Општина Битола во 1987 год. и Плакета за најуспешен битолчанец од областа на културата за 2009 година. Во 2016 е добитник на наградите мапа-портфолио, што ја доделува „Остен“ и наградата на Друштвото на ликовните уметници од Битола, „Борислав Траиковски“.