
ДКСК со осомничена претседателка ќе решава за предмети на функционери меѓу кои и за министерот Андоновски
Актуелната осомничена претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата Татјана Димитровска не дава оставка иако е осомничена во случајот „Адитив“, а сега овој состав на чело со заменик претседателката на Комисијата, Билјана Каракашова – Шулев ќе одлучува за постапки за актуелни функционери, меѓу кои е и министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски чиј татко е советник на премиерот, Христијан Мицкоски.
Препорачано
Антикорупциска всушност отвори предмет за министерот Андоновски, откако беше објавено дека неговиот татко Љупчо Андоновски станал советник на премиерот Мицкоски, а неговиот брат Игор Андоновски, на крајот на декември бил назначен за началник на најголемиот, скопскиот сектор во Агенцијата за национална безбедност (АНБ).
Комисијата исто така отвори уште еден предмет за министерот Андоновски и за судир на интереси во случајот со тендерите во Министерството откако беше објавено сомнение за корупција во Министерството во врска со две јавни набавки во вредност од 50.000 евра што ги добила фирма која е во сопственост на сопругот на државната секретарка во тоа министерство.
– Постапките се во тек, по предметите сѐ уште се постапува – велат од Комисијата за овие постапки.
Додека тие постапуваат Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија го именуваше советникот Андоновски и за член на Комисијата за безбедност при ФФМ.
Освен за министерот Андоновски од ДКСК за „Слободен печат“ потврдија дека до нив стигнала пријава и за директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев за незаконитост во издавање на диплома за магистер за да се исполнат 300 кредити за директорското место.
– Во однос на предметот за директорот на Бирото за јавна безбедност, ве информираме дека постапувањето по предметот е во тек – изјавија кусо оттаму.
Новиот состав на ДКСК од формирањето го следат низа контроверзи. Уште при изборот на членови имаше реакции од невладините организации кои изразија сомнеж за партизација на новиот состав. Незадоволството од нивната работа кулминираше кога се прогласија за ненадлежни за сертификатот по англиски јазик на директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски, за кој со месеци Обвинителството води постапка. Иако им стигна одговор за спорното јазично училиште од Бугарија, нема одговор за епилог за оваа постапка.
Антикорупционерите ниту даваат оставка, ниту ревидираат одлуки