
Директорот на АНБ Милошевски одби да одговори дали ќе дава отчет за Онишченко
Новиот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Зарко Милошевски не одговори на прашањето на „Слободен печат“ дали ќе дојде на собраниската Комисија за надзор над работата на безбедносните служби за да реферира за скандалот со издавањето македонско државјанство на олигархот Олександр Онишченко, кој е на црната листа на САД.
Препорачано
Во телефонски разговор, откако слушна зошто го бараме, Милошевски само кусо изјави дека е „во гужва“ и дека е на состанок. Тој одби да каже дали пред собраниската Комисија ќе даде отчет како директно одговорен за „случајот Онишченко“, бидејќи тој е потписникот на безбедносната процена за Онишченко, со која Украинецот добил македонско државјанство. По сето ова, останува дилемата дали планираната седница на Комисијата неславно ќе заврши, односно дали пред пратениците воопшто ќе реферира одговорно лице од Агенцијата.
Претседателот на собраниската комисија Љупчо Пренџов поканата за седница ќе ја адресира до Милошевски, откако во изминатата недела ниту доскорешниот директор на Агенцијата Виктор Димовски, ниту новоименуваниот Милошевски, не дојдоа на седницата и таа беше прекината. Пренџов тогаш порача дека ова тука нема да заврши, дека седницата не е затворена, точката не е заклучена, а во следниот краток период повторно ќе свика седница, со цел мистеријата Онишченко конечно да добие епилог. Најверојатно нова седница на Комисијата ќе биде закажана следната недела.
За Димовски посоодветен да реферира е Милошевски
Според Пренџов, одговорност за овој скандал мора да се утврди. Неодговорени останале прашањата дали во Агенцијата знаеле дека Онишченко од денот кога ги поднел документите за македонско државјанство до денеска е на црната листа на САД. Дали АНБ добила информација дека Онишченко е осомничен за криминал и перење пари во својата матична држава Украина и дека тој бил и пратеник во Украина, но тамошното Собрание му го одзело мандатот. По Онишченко е распишано потерница од Украина, но нашата АНБ констатирала дека има чисто досие.
Димовски, пак, по смената од директорската функција во АНБ и по првиот отчет на затворената комисиска расправа, која беше прекината поради нов скандал, бидејќи тонот во живо одеше на пленарната седница, сега како поранешен директор нема намера повторно да дава отчет во Собранието за случајот Онишченко. Според Димовски, посоодветен да реферира пред пратениците е Милошевски како директор на АНБ, но и како потписник на документот за безбедносната проценка дали треба да му се даде државјанство на Онишченко.
И додека Димовски ја чека политичката одлука дали државниот врв ќе ја продолжи постапката за тој да замине за македонски амбасадор во Париз или ќе остане несуден амбасадор, неофицијално дознаваме дека координацијата во врска со ова прашање меѓу шефот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи ќе се одржи идната недела. Димовски се повикува на изјавата на Ковачевски дека, што се однесува до Владата, таа постапка е завршена и дека одговор на ова прашање натаму треба да се бара во Собранието и кај шефот на државата. Претседателот Пендаровски за „Слободен печат“ изјави дека иако Франција дала агреман за Димовски за амбасадор, поради најновиот развој на настаните, треба да се направат дополнителни консултации со кабинетот на премиерот и со Министерството за надворешни работи.
ВМРО-ДПМНЕ го прозива новиот директор за „27 април“
Опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците категорички се против заминувањето на Димовски во Париз. ВМРО-ДПМНЕ секојдневно ги прозива Ковачевски и Миле Зечевиќ за именувањето на Милошевски за директор на АНБ.
– Ковачевски и Зечевиќ треба да одговорат за улогата на Зарко Милошевски за случувањата на 27 април 2017 година? Дали Милошевски и тогаш е началник на единицата за екстремизам при УБК? Дали и тогаш бил меѓу најблиските соработници на врвот на УБК? Повеќемина од УБК, меѓу кои и директорот на УБК, минаа низ обвиненија и судски процеси, но не и Зарко Милошевски, началник за екстремизам, во случаи за наводен тероризам? Прашања за скандалот Онишченко, прашања за нелегалното прислушување, прашања за улогата на Зарко Милошевски во „Диво насеље“. Молкот за секое прашање е нова црна дамка врз довербата во институцијата – вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.
За обвинувањата и прашањата од опозицијата, коментарот на премиерот е дека Милошевски е професионалец обучуван и дома и во САД.