Панел во рамки на 81. Венецијански филмски фестивал

Директорката на „Бич филм фестивал“ учествуваше на панел за мобилното кино во Венеција

На најстариот филмски фестивал во Венеција оваа година немаше македонски филмски остварувања, но затоа „Бич филм фестивал“ (Beach Film Festival) објави дека беше поканет да учествува како панелист на 26-та Евромедитеранска конференција за кино „Мобилно кино: ново коине за младите eвромедитеранци за поттикнување на мир и толеранција“, која се одржа на 6 септември во рамки на 81. Венецијански филмски фестивал.

Настанот, организиран од Меѓународниот совет за кино и телевизија (CICT-ICFT) при УНЕСКО, имаше за цел да го истражи потенцијалот на мобилното кино како ново средство за културен дијалог, соработка и поттикнување на мир меѓу младите во медитеранскиот регион.

Ана Опачиќ, директорка на „Бич филм фестивал“, беше една од панелистите, заедно со истакнати личности од филмската индустрија и културни организации, кои споделија свои визии за иднината на киното и неговата улога во општествените промени.

На програмата на панелисти се најдоа и Магдалена Ландри, директорка на Регионалното биро за наука и култура на УНЕСКО во Европа; Алберто Барачини, државен потсекретар; Пиерпаоло Сапорито, претседател на Опсерваторија за дигитална комуникација (CICT ICFT) при УНЕСКО; Кујтим Чашку, режисер, Филмска и мултимедијална академија „Маруби“, Албанија; Алесандро Мандели основач на „Сериали“, Италија; Ор Сиголи од „Ерусалим филм фестивал“; Ахмед Беџауи, Интернационален филмски фестивал на Алжир; Ризван Ахмад од „Instructional Media Centre (MANUU) Индија; Ахмет Бојаџиоглу, „Festival on Wheels“ и претседател на „Ankara Cinema Association“ од Турција; Јасмина Бојиќ, „UNAFF Travelling Film Festival“, Универзитет „Стенфорд“ во САД; и други.

– Оваа покана претставува големо признание за нашето фестивалско движење и неговата улога во зајакнувањето на интеркултурниот дијалог преку филмската уметност, но и важноста на филмот како медиум – истакнува Ана Опачиќ, директорка на „Бич филм фестивал“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот