
Дипломатски удар за Белград – Вучиќ без покана за Бледскиот стратешки форум
Српскиот претседател и премиер Александар Вучиќ и Ѓуро Мацут дури и не биле поканети на Бледскиот стратешки форум, изјавија од словенечкото Министерство за надворешни и европски работи за Н1 Словенија.
Препорачано
„Српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот Ѓуро Мацут не беа поканети на Бледскиот стратешки форум. Поканет беше српскиот министер за надворешни работи Марко Ѓуриќ, кој учествуваше на Форумот“, наведува словенечкото Министерство за надворешни работи во одговорот до Н1 Словенија.
Како што неофицијално дознава Н1 Словенија, претседателот Вучиќ побарал и тој да присуствува на форумот во Блед, но не добил покана.
Наместо во Словенија, Вучиќ отпатува во Кина, каде што присуствуваше на воената парада по повод 80-годишнината од победата во Втората светска војна.
Сепак, неговата верзија на настаните е поинаква. Во средата на 3 септември, Вучиќ од Пекинг изјави дека премиерот Мацут бил поканет на Стратешкиот форум, но дека тој „со право не отишол“ поради присуството на „блокадерите“.
Вучиќ рече дека „немал дилема“ и дека „не сака да се занимава со глупости“. „Не отидов во Блед, Мацут беше поканет. Тој мудро и правилно не отиде. Ги поканија блокадерите во Блед, нека разговараат со нив“, истакна Вучиќ, пренесува „Нова.рс“.
Тој додаде дека е невозможно да се споредат средбите што можел да ги има во Блед со оние што ги имал во Кина. „Ако го споредите мојот однос и разговор со Пленковиќ и не знам кој друг… Се наслушав глупости колку што сакате. Ако го споредам со средбите со Ши, Путин и Фицо, тоа е како да се споредува Премиер лигата и Белградска зона“, рече Вучиќ, осврнувајќи се на четвртото ниво на натпреварување во српскиот фудбал.
„Тие ги поканија своите блокадерите да дојдат во Блед, да им бидат гости таму, нека ги угостат и нека разговараат со нив за стратешки прашања, бидејќи блокадерите ќе ја преземат власта во Србија за неколку дена – така ја слушам таа приказна 13, 14 години“, им рече Вучиќ на новинарите во Пекинг, одговарајќи на прашањето дали ќе ги коментира наводите во одредени медиуми дека направил грешка што отишол во Кина, а не на Стратешкиот форум во Блед.