
Димитриевски: Не сакаме членство во ЕУ по цена на македонскиот идентитет
Не сакаме членство што ќе го платиме со негирање на сопственото постоење – порача Димитриевски
Претседателот на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, Максим Димитриевски, на денешната прес-конференција упати остри критики кон Европската Унија, обвинувајќи ја за нов облик на притисок врз Македонија – духовен и национален. Тој нагласи дека македонскиот идентитет не смее да биде предмет на преговори.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
– Ја сакаме Македонија во ЕУ, но не сакаме Македонија без Македонци. Не сакаме членство што ќе го платиме со негирање на сопственото постоење – порача Димитриевски, реагирајќи на Извештајот за земјава што вчера беше усвоен во Европскиот парламент, каде што, како што рече, изостанала формулацијата „македонски идентитет и јазик“.
Тој ја обвини Бугарија за политика на културна агресија и истовремено ја критикуваше ЕУ за дозволување на реваншизам и нарушување на принципот на рамноправност.
– Ако ЕУ дозволи еден нејзин член да ги претвори преговорите во средство за историски реваншизам, тогаш таа не е Унија на еднакви – рече тој, обвинувајќи дека се врши притисок Македонија да се откаже од себе.
Димитриевски ја осуди и политиката на поранешните македонски влади, обвинувајќи ги за предавство на националните интереси преку Преспанскиот договор, договорите со Бугарија и изјавите на официјални претставници без консултација со народот.
– Тоа не беше влада на народот, туку влада на предавство. Додека народот се бореше за достоинство, тие водеа бизниси и броеја профити во сенка – изјави тој.
Во своето обраќање, Димитриевски ја истакна борбата на ЗНАМ како заложба за европска интеграција заснована врз почитување, а не асимилација, и повика на национално обединување преку заедничка декларација.
– Ќе изградиме држава во која никој нема да се срами да каже дека е Македонец – истакна Димитриевски, додавајќи дека „Националната платформа за македонско национално единство“ треба да биде темелот за таа обединета заложба.