Флаер со датуми за новото издание на Д-Фестивал

Дилема – Се сели ли Д-Фестивал од Дојран?

Најпрестижниот летен фестивал во Македонија и единствениот мултимедијален фестивал кај нас, Д-Фестивал, кој во 2023 година ја доби наградата на фестивалот БЕАМ како „Најдобар музички фестивал за 2022 година“ и беше номиниран на Европските музички награди за „Најдобар мал европски фестивал“, се шпекулира за негово заминување од добро познатата локација во Дојран.

Во моментов Д-Фестивал мирува со активности, за разлика од сите други фестивали во регионот, како „Егзит“, „Зигет“, „Арсенал“, „Софија лајв“, „Ин мјузик“ и други, кои веќе имаат најавено дел од програмата за оваа година, како и билети во продажба.

Најголемиот летен музички фестивал кај нас веќе има создадено убава традиција и има изградено посветена и љубопитна публика, која со нетрпение ги очекува своите три летни денови исполнети со музика на повеќе сцени, ангажирани работилници и прогресивни идеи. Д-Фест со текот на времето стана оаза на креативноста и на слободата, а врвни светски музички ѕвезди со задоволство настапуваат, честопати, и пред 10-илјадната публика на фестивалот.

Но, досега Д-Фестивал ги има потврдено само датумите на одржување од 5 до 7 јули оваа година, но не е потенцирана локацијата на одржувањето на фестивалот. Тоа е доста чудно, знаејќи дека фановите на Д-Фест во овој период најчесто биле спамувани со новости и информации за најпозитивниот летен настан во Македонија, а голем дел од нив со години наназад го резервираат својот фестивалски билет со акцијата „Ран корморан“.

Од „Пасворд продукција“, организаторите на овој фестивал, велат дека само што се вратиле од зимски распуст и дека наскоро ќе има повеќе детали. Се обидовме да стапиме во контакт и со градоначалникот на Општина Дојран, Анго Ангов, но и тој обид остана неуспешен, бидејќи не беше одговорено на нашите повици.

Избегнувањето на одговорот од страна на „Пасворд продукција“ дали Дојран останува домаќин на Д-Фестивал, ни го остава неодговорено прашањето дали, всушност, Д-Фестивал ќе се сели од Дојран?

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 215, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.01.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот