
Дијаз е подготвен за Барса, но Ливерпул и правилата на Ла Лига се пречка
Колумбискиот напаѓач Луис Дијаз е отворен за трансфер во Барселона, а каталонскиот клуб веќе е во постојана комуникација со неговите агенти. Сепак, Ливерпул не е подготвен да преговара – Англичаните бараат минимум 85 милиони евра и досега веќе ги одбија и Барселона и Баерн Минхен, иако и двата клуба сè уште не се повлекуваат од трката.
Препорачано
Самиот Дијаз има голема желба да го носи дресот на Барселона, која за него претставува остварување на детски сон. Но, освен високата отштета, постои уште една сериозна пречка – ризикот околу регистрацијата на играчи за Ла Лига.
Токму поради тој проблем пропадна трансферот на Нико Вилијамс, кој побарал клаузула со која би станал слободен агент доколку до 31 август не биде регистриран за настап во шампионатот. Сличен услов сега поставуваат и претставниците на Дијаз – не бараат можност за слободен трансфер, но инсистираат на финансиска компензација доколку Колумбиецот не биде регистриран навреме и биде спречен да настапува до зимскиот преоден рок, па дури и до крајот на сезоната.
Според весникот „АС“, Дијаз би бил подготвен да чека, но само доколку клубот му гарантира определена сума како осигурување.
Случајот уште еднаш го покажува хаосот со кој се соочува Барселона – клубот е постојано заинтересиран за големи имиња, но без финансиска стабилност и сигурност околу регистрацијата, дури ни договорите не претставуваат гаранција. Можеби е време управата да се фокусира на финансискиот фер-плеј пред нови ризични зделки.