Министерство за култура - табла / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

ДФРМ: Колапс на македонскиот филм, Љутков да ја откочи „зарибаната“ филмска машина

Македонскиот филм е заглавен во „кал“ и годинава нема да има македонски кандидат за Оскар, предупреди Друштвото на филмските работници за состојбите кои подолг период ја мачат македонската филмска фела откако во континуитет, велат, се крати „паушално и безумно“ буџетот за филм.

Поради тоа ДФРМ ги обвинува министрите за култура, особено министерката Бисера Костадиновска Стојчевска во чие министерување состојбата станала критична. Истакнати филмаџии остро реагираа при секое кратење на буџетот за филм и за погубноста на таквата политика врз скромната македонска филмска индустрија која последниве години и покрај сите проблеми успеваше да создаде трајно вредни филмски производи кои добиваа и награди на реномирани филмски фестивали во светот.

-Не се сервисираат проектите кои се во развој, во продукција или се завршени. Нема нови проекти, прекинати се или се загрозени речиси сите регионални и меѓународни соработки, а Македонија годинава нема да има ни кандидат за Оскар, едноставно затоа што нема филм кој ги исполнува прилично едноставните услови пропишани од Американската Академија за подвижни слики, уметност и наука. Погубните деструктивни политики, мотивирани од незнаење, поточно елементарно непознавање на филмската дејност и реваншизмот кон оние кои со години се борат за подобри услови за производство на филм, ја доведоа македонската кинематографија до колопас, нагласува Друштвото на филмски работници во соопштението.

Тие обвинуваат дека се жртви на „очајна ПР кампања која се води против Друштвото, токму од оној за кого не важат правилата, законите, професионална етика и принципот на колегијалност“.

-Друштвото на филмски работници на Македонија стана предмет на подмолни анонимни пријави, за кусо потоа да се обелодени нивниот подносител и автор. А само затоа што ДФРМ и фелата отворено и недвосмислено станаа против добивање на државни средства на сметка пред завршување на конкурсните процедури пропишани со закон, против испумпување милионски суми пари на сопствени сметки надвор од земјава за наводен равој или промоција како и против неколегијалното однесување, саможивноста и алчноста, нагласуваат филмските работници.

Тие апелираа до надлежните институции да реагираат и да ги расветлат и казнат криминалите кои македонскиот филм го влечат во бездна и го повикаа министерот за култура и туризам Зоран Љутков да ја откочи „зарибаната“ филмска машина и да им овозможи на авторите и филмските работниците да снимаат, а нивните филмови да одат напред.

Министерот Љутков пак во интервју за МИА во петок најави средба со официјалните лица од Друштвото на филмски работници (ДФРМ), но тоа, како што рече, не може да донесе некакви промени.

-Јас ќе разговарам со нив. Логична постапка е нивното барање и логичен одговор е да се сретнам со нив, но мене не ми е фокусот Друштвото на филмски работници. Извештајот не треба да се фокусира и не се фокусира на Друштвото на филмски работници, едноставно се фокусира на работата на Агенцијата за филм, мене тоа ми е важно. Но, ако се утврди дека има неправилности во Агенцијата за филм по однос на Друштвото на филмски работници, тоа си е последица една по друга, така да јас тука не можам ништо да направам, додаде Љутков.

Љутков потенцираше дека внатрешната ревизија во Агенцијата за филм која била извршена во текот на април и мај оваа година од Министерството за култура открила дека Агенција должи некаде околу 11 милиони евра и објасни како течеле злоупотребите во Агенцијата.

-Проблемот настанува кога после 2018 година, буџетот кој што бил некаде околу седум до осум милиони евра на годишно ниво, наеднаш паѓа на околу два и пол милиони евра. Бидејќи тие не можат да се помират со фактот дека власта го намалува буџетот, си продолжуваат со еден процес кој се вели вака: „на необезбедени средства во текот на наредната година, вие склучувате договори на двојно повеќе“. Ова значи, ако имате договор на два и пол милиони евра за следната година, вие склучувате договори на речиси пет милиони евра и тие ги провлекувате во текот на годините, вели Љутков за МИА.

Додаде дека има четири филма кои што имаат склучено договори, имаат обезбедно услови и имаат законски рок од пет години да го реализираат филмот, а годинава тој им истекува.

-Агенцијата за филм ги нема тие пари за да ги покрие овие четири филма. Тоа се случувало низ годините. Ревизорските извештаи се готови, извештајот од Министерството за култура кој што е направен оваа година е готов и ние сите овие извештаи ќе ги упатиме да надлежните институции да можат да си ја бркаат својата работа и да видиме што е од тоа ќе излезе за да можеме да постапуваме понатаму. Јас како министер за култура не застанувам во овој процес ни на една ни на друга страна, мене ми е важна Агенцијата за филм, фокусот ќе ми биде таму и ќе гледаме да ги решиме тие проблеми, додаде Љутков.

Филмските работници сметаат дека во државава нема простор за манипулации со јавноста и политичките структури, злоупотреба на моќ и лажно употребување на терминот „политички прогон” за да се скријат сторените дела.

Сѐ е чисто кај филмските работници, само се со нерешен статус и со скратен буџет за филм

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот