Дезинформациите влијаат врз изборните одлуки и ја креираат општествената и политичката реалност

проф. д-р Владимир Пивоваров/ Фото: „Слободен печат“/ Драган Митрески

Треба да си ги поставиме вистинските прашања, да бидеме љубопитни и да искажеме мал сомнеж кон објавената информација. Критичкото размислување е најефикасен начин со кој располагаме за да се заштитиме од лажни вести или теории на заговор.

Поимот лажни вести денес е наше секојдневие. Ова е најексплоатираниот поим со кој постојано и насекаде се среќаваме. Настанувањето лажни информации се претпоставува дека датира од првите цивилизирани заедници во кои луѓето се групирале. Особено значење добиваат во првите воени конфликти помеѓу различните заедници. Уште во 18 век филозофот Свифт запишал дека лажните вести се шират со невидена брзина, а вистината е толку бавна што никогаш не може да ја стаса лагата, па така лагата се перципира како вистина.
Во 17 век за време на Јакобинската побуна во Англија, по нарачка на јакобинците, во неколку весници биле објавени дезинформации дека кралот Џорџ Втори е на смртна постела, со што на бунтовниците им била влеана надеж дека набргу ќе го заземат кралскиот престол. Ваквата практика во времињата што доаѓале сè повеќе и повеќе земала замав, особено во политичките пресметки помеѓу власта и опозицијата низ Европа.
Со создавањето на првите современи разузнавачки служби во почетокот на 20 век, без исклучок, кај сите постоеле оддели за информација/дезинформација, кои креирале и пласирале лажни вести преку постојните медиуми, а со цел креирање на јавното мислење. Ваквите оддели најголема улога имале пред и за време на Првата и на Втората светска војна, а нивната цел била непријателот да го доведат во заблуда.
Со развојот, медиумите кон средината на 20 век (пишаните и телевизијата) сè повеќе и полесно го креирале јавното мнение, бидејќи најголемиот број луѓе во светот немале можност да извршат проверка дали одредена вест е лажна или не. Со денешната експанзија на илјадници електронски преносници на информации, човештвото е доведено до тој степен што веќе не знае која вест е лажна, а која вистинита. Лично, имам уверување дека денеска сме опкружени со поголем број лажни вести, отколку со вистински.
Лажните информации, со брзина на светлината, денес се пренесуваат преку пишаниот збор, видеозаписот или сликата. Намерното дистрибуирање лажни вести е глобален тренд, благодарение на развојот и на традиционалните и на онлајн медиумите. Лажните вести, особено оние што содржат голема доза сензационализам, се шират масовно, а дел од јавноста верува во нив, без да изврши проверка. На социјалните мрежи секојдневно наидуваме на лажни вести, на теории на заговор, на дипфејкови, а тоа го креираат ботови чија крајна цел е исполнување на крајната замисла на нарачателот на вестите. Многу често и ние стануваме соизвршители во создавање на хаосот и во натамошното ширење на дезинформациите, затоа што многу луѓе не знаат да користат алатки кои може да им помогнат да ја разделат лагата од вистината.
Ботовите се автоматизирани профили (налози) на социјалните медиуми со кои управува компјутерски алгоритам, а не вистинска личност, иако профилите на ботовите се претставуваат како да се креирани од луѓе со лажно име и презиме.
Додека, пак, тролови се вистински луѓе што седат зад компјутерите и, по налог на нивниот нарачател, шират лажни вести од интерес за нарачателот. Многу често, нарачатели се и самите политички партии. Како еклатантен пример, најпознат во светската јавност, би го навеле ширењето на лажните вести во предизборната и во изборната кампања за претседател на САД во 2016 година. Нашиот Велес стана светска престолнина на лажни вести. Имено, по барање на нарачателите, стотина велешани се здружиле и направиле вистинска фабрика за лажни вести со цел да ги пласираат по електронски пат, а биле наменети за да влијаат на креирањето на јавното мислење кај граѓаните на САД, во корист на претседателскиот кандидат Доналд Трамп, а на штета на неговата противкандидатка Хилари Клинтон. Овие луѓе заработувале по десетина илјади евра месечно за креирањето лажните налози и дезинформации на разни теми. Лажната вест гласела дека актуелниот претседател Барак Обама ја финансирал предизборната кампања на кандидатката Хилари Клинтон со пари што ги украл од сметките на воените ветерани.
Друг пример е објавената фотографија од последниот случај во М-НАВ, на наведениот фејсбук-профил, која потоа била шерувана илјадници пати, иако се работи за фотографија што настанала на сосема друго место, односно воопшто не соодветствува на конкретниот настан.
Консументите на информациите, сепак, имаат можност (се разбира доколку сакаат) да ги проверат за да се уверат дали информацијата е или не е вистинита. Основни правила кои ги препорачувам за проверка на лажните вести, а кои треба да ги примениме се следните:
1. Проверка на вебсајтот каде што е објавена информацијата. Доколку се работи за социјална мрежа треба да го провериме налогот на кој е објавена информацијата (наука, спорт, економија, криминал, политика и сл.).
2. Проверка на датумот на објавување. Во денешно време информациите по електронски пат бргу се дистрибуираат, а во меѓувреме можно е таа да е демантирана со проверени факти.
3. Проверка на идентитетот на авторот на информацијата (новинар, експерт по конкретната тема, граѓанин, политичка партија и сл.). Треба да се прашаме самите која е целта на авторот на информацијата – да не информира, да подели свој став или да манипулира со читателот.
4. Да го истражиме потеклото на информацијата. Каде првпат е објавена? Најчесто информациите се споделуваат преку интернет. Тие при споделување се деформираат, се извлекуваат од контекст или, пак, се толкуваат.
5. Треба да си ги поставиме вистинските прашања, да бидеме љубопитни и да искажеме мал сомнеж кон објавената информација. Критичкото размислување е најефикасен начин со кој располагаме за да се заштитиме од лажни вести или теории на заговор.
Лажните вести, поточно дезинформациите, и како феномен и како термин се во хиперинфлација која, од ден на ден, се зголемува. Ниту во практиката, ниту пак во медиумската теорија, а ниту во медиумското право не постои јасен консензус околу прашањето што се подразбира под поимот лажни вести, особено за дезинформациите на интернет.
За жал, и во светски рамки, денес не се располага со доволно научна литература како и на кој начин да се справиме со лажните вести. Топло препорачувам да ја прочитате книгата „Фејк овер“ од шпанската авторка Нереида Каријо, издадена 2023 година за да можете да спознаете основни вештини за справување со лажните вести.
Лажните вести, дезинформациите на интернет, станаа фактор за оние кои одлучуваат да влијаат врз изборните одлуки и да ја креираат општествената и политичката реалност. За ширењето на лажните вести прстот се вперува кон институционални извори, политички лидери и медиуми, но сепак тие своето место го пронаоѓаат на социјалните мрежи, каде што ваквите вести се шират со голема брзина.

Цивилмедиа

(Авторот е универзитетски професор)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот