
Девет амбасадори се на чекор до предвремено враќање дома
Доколку одлуката на Законодавно-правната комисија помине и на собраниска седница, амбасадорите од Брисел, Лондон, Шведска, ОН во Виена, Прага, Сараево, Софија и Подгорица ќе треба да се вратат во земјава, бидејќи пред заминувањето не реферирале пред собраниската Комисија за надворешна политика.
Деветмина амбасадори кои заминале на извршување на функцијата без да реферираат во собраниската Комисија за надворешна политика се на чекор до враќање во Македонија, откако на денешната седница на Законодавно-правната комисија беше потврдена можноста за иницирање отповикување на амбасадор да се толкува како одвоена постапка.
Препорачано
Одлуката на Законодавно-правната комисија е донесена со 8 гласови „за“, еден „против“ и ниту еден воздржан откако пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски поднесе иницијатива за автентично толкување на член од Законот за надворешни работи, а Владата даде позитивно мислење.
Доколку оваа одлука помине и на собраниска седница, според неофицијалните информации, амбасадорите Мето Белески(Брисел), Катерина Ставревска (Лондон), Џенк Сејфула (Шведска), Пајо Авировиќ (Мисија на ОН во Виена), Емил Крстески (Прага), Јакуп Реџепи (Сараево), Агнеза Руси (Софија) и Зеќир Рамчиловиќ (Подгорица) ќе треба да се вратат во земјава бидејќи пред заминувањето не реферирале пред собраниската Комисија за надворешна политика. Освен овие осуммина амбасадори предвреме се враќаат и Љубомир Фрчкоски, на негово барање, од Мисијата во ОН во Њујорк и Андреј Жерновски, кој веќе е повикан на консултации од Букурешт, Романија и веројатно нема да се врати назад. Во Скопје се врати и Весел Мемеди од Рим, и за него веќе е потврдено дека ќе остане дома.
Во мислењето на Владата се наведува дека „без конкретно исполнување на законската обврска за презентација на согледувањата на кандидатот за амбасадор пред надлежната собраниска комисија, за истиот не може да биде потпишан указ за поставување на амбасадор од страна на Претседателот на Република Северна Македонија, ниту пак може да биде упатен во земјата на прием…“.
На седницата на Комисијата беше прифатено и позитивното мислење од Владата за автентично толкување на уште еден член од Законот за надворешни работи – член 45 став 4 со што се дозволува иницијатива за отповикување на амбасадор да може да покрене „и“ Владата, по барање на министерот.
Процените се дека овие амбасадори би требало да се вратат во Македонија во февруари до кога треба да ги завршат сите обврски во земјата домаќин.
Инаку, на денешната собраниска комисија на којашто се прифати мислењето на Владата за толкувањето на член од Законот за надворешни работи единствен за збор се јави пратеникот Сали Мурат од Вреди кој рече дека има сосема спротивно мислење од Владата, но правото да го образложи го задржа за собраниска седница.
Прашањето за потребата од реферирање на кандидатите за амбасадори беше актуелно за време на претходната власт кога претседател на Комисијата за надворешна политика беше, тогаш опозицискиот пратеник Антонио Милошоски кого го критикуваа дека намерно не свикува седница на Комисијата или ги прекинувал без да ги заврши. Во меѓувреме Комисијата одржуваше седници за други прашања поврзани со надворешната политика, но кандидатите за амбасадори не беа повикани да го завршат претставувањето на тезите.
Освен овие десетмина амбасадори на почетокот на идната година ќе се вратат уште седуммина за претседателката Гордана Сиљановска Давкова минатиот месец потпиша указ за отповикување.
Станува збор за вонредни и ополномоштени амбасадори во пет земји и две организации. Меѓу нив е и амбасадорот на Северна Македонија во НАТО со седиште во Брисел, Дане Талески, кој според одлуката ќе остане амбасадор до 15 јануари 2025, додека на останатите шестмина мандатот ќе им заврши на 30 ноември годинава.
Од 1 декември престанува мандатот на Теута Агаи Демјаха, која е шефица на постојната мисија на Северна Македонија во Организацијата на обединетите нации во Женева.
Меѓу останатите отповикани амбасадори е и Данчо Марковски во Албанија. Тој изминатиот период беше повикан на разговор од министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во однос на активностите на македонската дипломатија во врска со пописот на населението што беше спроведен во Албанија.
Укази за отповикување има и за амбасадорката при Светата Столица во Ватикан, Марија Ефремова, потоа Фатон Бејта од Данска, Сали Лимани од Казахстан и Шабан Јашари кој е амбасадор во Катар со седиште во Доха.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски тогаш најави дека наскоро ќе почне процес на именување на нови амбасадори на местата на оние кои со указ на Сиљановска-Давкова се отповикани поради завршување на мандат. Според него, приоритет при именувањето на нови амбасадори е позицијата во НАТО бидејќи мандатот на Дане Талески завршува веднаш по новогодишните празници.