Клиника за детски болести / Фото Колаж на Слободен печат

Детската Клиника набави „Трикафта“ за сите пациенти над 12 години што се подобни за оваа терапија

Сите 67 пациенти погодни да примаат „Трикафта“ ќе ја добијат оваа терапија почнувајќи од овој месец, откако Клиниката за детски болести ја заврши процедурата за набавка на лекот преку тендер кој го опфаќа периодот до декември. Тоа значи дека сите пациенти повозрасни од 12 години а кои се погодни да го примаат овој лек од месецов ќе ја имаат таа можност.

Ова значи дека сите пациенти со цистична фиброза над дванаесетгодишна возраст, погодни за модулаторна терапија, ќе го добијат лекот „Трикафта“ во текот на овој месец, односно терапијата која е најсовремена за третман на оваа болест. За трпеливоста и разбирањето, Клиниката за детски болести се заблагодарува и на Здружението на пациенти со цистична фиброза со кое имаме одлична соработка. Инаку, терапијата со „Трикафта“ во нашата земја е достапна од минатата година и веќе имаме искуства за исклучителниот позитивен ефект на терапијата кај овие пациенти, изјави директорката на Детската клиника доктор  Валентина ЦвејоскаЧолаковска.

Поради временските услови и раната вегетација, веќе е започната и сезоната на алергии. На Клиниката секојдневно се примаат деца со симптоми на алергиски болести, кои се третираат и амбулантски и болнички. Доминираат алергискиот ринитис, ринокоњуктивитис, но и ларингитис и бронхоопструкции.

-Трендот на алергиски болести во светски рамки е во пораст, а причините за тоа е се мултифакториелни, но глобалното затоплување и аерозагадување се во основата на овој тренд. Секојдневно на Клиниката се прават неопходните испитување за алергија од крв, како и кожниот алерголошки тест на храна и инхалативни алергени, информираше директорката.

Според податоците на Институтот за јавно здравје во земјава досега се регистрирани 410 случаи на голема кашлица, меѓу кои имало и шест хоспитализирани деца на Клиниката за детски болести, претежно доенчиња.

 Сите деца беа испишани во добра здравствена состојба. Причините за оваа епидемија се должат на значително намалениот опфат со вакцинација според редовниот календар за имунизација, што резултираше со намален колективен имунитет. Инаку, пред епидемијата, последни пријавени спорадични случаи на голема кашлица беа забележани во 2018 година. Изразуваме задоволство што се зголеми вакцинацијата против пертусис со што се подигна имунитетот кај децата, додаде директорката на Детската клиника.

Таа потенцираше дека нема листа на чекање и дека сите деца кои што треба го примаат хормонот за раст, а другите се во фаза на дијагностика.

Во моментов има деца кои се во постапка на дијагностика и не можеме да зборуваме за листа за чекање. Затоа што, листата за примање на хормонот е динамична, таа постојано се ревидира, што значи дека пациентите кои завршуваат со терапија се исклучуваат, а се вклучуваат нови пациенти, информираа од Клиниката.

Две деца на оваа клиника примаат биолошка терапија односно моноклонално антитело за деца со хемофилии, а имунолошка терапија се администрира и кај неколку деца со ревматоиден артритис и со Кронова болест.

На Детската клиника во моментот се реновира невролошката амбуланта и се реновира клиниката по оддели. Во изминатиот период беа реновирани одделенијата за онкологија, кардиологија и цистична фиброза, за што помош дадоа и општествено одговорни компании.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот