Универзитетска детска клиника / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Детската Клиника и директорот Реџеп Мемеди треба да платат казна зашто 7-месечното бебе што почина не било хоспитализирано, без писмено образложение

Државниот санитарен и здравствен инспекторат вчера и завчера изврши вонреден инспекциски надзор во врска со починатото седуммесечно бебе на Детската Клиника. Инспекторатот бара министерот за здравство да иницира стручен надзор над лекувањето.

Инспекторатот ќе издаде наредба Детската клиника да го почитува Законот за здравствена заштита и кога нема да хоспитализираат итен пациент – да издаваат писмено образложение за причините за одбивањето на приемот за болничко лекување. Бидејќи тоа не е направено во случајот со починатото седуммесечно бебе, Клиниката и директорот Реџеп Мемеди ќе треба да платат казна.

При надзорот исто така е констатирано дека на клиниката сеуште не е решен проблемот со задолжително присуство на специјалист во дежурната амбуланта, а за кое во ДСЗИ се води прекршочна постапка. И понатаму медицинска документација се креира и од страна на доктори кои не се присутни на работа или во дежурна амбуланта за што од страна на ДСЗИ е веќе издадено решение чии рокови течат, велат од ДСЗИ.

Извршен е увид во медицинската документација (истории на болест, упати и специјалистички извештаи) и изјавите од докторите кои учествувале во лекувањето. Бебето првпат на Детската Клиника било донесено на 9 декември заради висока температура и осип по целото телото од пред една недела. Првично детето е прегледано од страна на специјализанти, во консултација со доктор специјалист и упатено е на дополнителни испитувања на Инфективна клиника, Клиника за дерматовенерологија и во Биохемиска лабораторија при Детска клиника. По добиените резултати и препишаната терапија, испратено е на домашно лекување со насока за контрола кај матичен лекар и по потреба на Детска клиника.

На 11 декември во вечерните часови, детето повторно е донесено на клиниката и заради влошената клиничка слика, хоспитализирано е на Одделот за неврологија. Креирани му се упати за повеќе испитувања, а на 13 декември заради натамошно влошување на здравствената состојба преместено е на интензивна нега.

По стабилизирање на состојбата повторно е вратено на Одделот за неврологија каде престојувало неколку часа по што повторно е вратено на интензивна нега каде се направени дополнителни радиолошки, ехогравски и други лабораториски испитувања кои укажуваат на тешка општа состојба на детето кое починало вечерта на 15 декември.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот