
Десна интернационала
За десничарската интернационала вообичаено се вели дека тоа би била контрадикција во поимот. Секој лидер на радикалната десница е националист, а тоа по дефиниција би требало да ја оневозможи изградбата на наднационални сојузи. Но таквиот став страда од недостиг на филозофска софистицираност, па и од историска свест.
Не толку одамна, баучот за меѓународен сојуз на радикални десничарски популистички партии од целиот свет беше само бауч: секоја најава за соработка повеќе служеше како средство за самопромоција отколку како израз на вистинска солидарност. Малкумина од радикалните десничарски политичари се жртвуваа за другите или сериозно се вмешуваа во внатрешните работи на други земји во обид да им помогнат на сојузниците. Обидите за обединување на радикалната десница во Европскиот парламент исто така спектакуларно пропаднаа.
Препорачано
Но, можеби тоа се менува сега. Заканата на американскиот претседател дека ќе му воведе казнени царини на Бразил, со отворено изразена цел да го заштити поранешниот радикално десничарски претседател Жаир Болсонаро од „лов на вештерки“, укажува на значајна промена во тактиката. Мешањето на Трамп во внатрешните работи на други демократии во името на „слободата на говорот“ исто така им служи на интересите на моќните технолошки компании во САД, на кои не им се допаѓаат обидите на странските влади да го регулираат нивното работење.
За десничарската интернационала вообичаено се вели дека тоа би била контрадикција во поимот. Секој лидер на радикалната десница е националист, а тоа по дефиниција би требало да ја оневозможи изградбата на наднационални сојузи. Но таквиот став страда од недостиг на филозофска софистицираност, па и од историска свест.
Либералите како Џузепе Мацини си помагаа еден на друг во Европа во деветнаесеттиот век во борбата за слобода и независност од империјалните сили. Во тоа време никој не гледаше противречност во интернационалниот сојуз на либерали во борбата за национално самоопределување.
Исто така, денешните радикално десничарски популисти можат да тврдат дека претставуваат обединет фронт против „глобалистите“ и наводно нелегитимните „либерални елити“. Таквата реторика – придружена со теории на заговор, често обележани со антисемитизам – лесно ги преминува националните граници. Политичарите од радикалната десница едни од други го копираат она што истражувачите го нарекуваат „најлоши практики“ на поткопување на демократијата. Доволно е да се потсетиме на имитирањето на рускиот закон со кој организациите од граѓанското општество се принудуваат да се регистрираат како „странски агенти“ и на други речиси соголено репресивни тактики.
Радикалната десница има своја транснационална идеолошка инфраструктура. Да нема забуна, не постои никаква популистичка коминтерна што пропишува обврзувачки толкувања на доктрината. Но соработката е многу реална: на пример, унгарските институти што се великодушно финансирани од владата на Виктор Орбан сега тесно соработуваат со фондацијата Херитиџ во САД.
Сепак, досега немаше примери на конкретна солидарност меѓу популистичките лидери. Кога Трамп лажно тврдеше дека победил на американските претседателски избори во 2020-тата година, неговите сојузници во странство, од индискиот премиер Нарендра Моди до израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, можеа да одбијат да го признаат Бајден како претседател. Наместо тоа, му честитаа на Бајден за победата, давајќи му предност на прагматизмот пред сопствените идеолошки афинитети.
Во вториот мандат Трамп почнува да го менува тоа, прифаќајќи идеолошки заснован пристап во односите со другите земји, што очигледно е спротивно на долгогодишните меѓународни норми. Во случајот со Бразил, се закани со царини од 50 проценти за да изврши притисок врз владата да се откаже од федералниот кривичен процес против Болсонаро поради обидот за државен удар по поразот на претседателските избори во 2022 година. За разлика од Трамп, кој никогаш не одговараше за учеството во настаните во американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година, на Болсонаро – познат како „тропскиот Трамп“ – веќе му е забрането да се кандидира за јавни функции до 2030 година.
Во писмото до бразилската влада во кое се заканува со нови давачки, Трамп ги обвини бразилските власти за „подмолни напади врз… темелното право на Американците на слобода на говор“, вклучително и цензура на „платформи за социјални мрежи од САД“. Тоа открива уште една димензија на економските закани на Трамп: крстоносната војна на неговата администрација против сите обиди за забрана на говорот на омраза и за регулирање на дигиталната сфера. Во февруари потпретседателот Џеј Ди Венс ги критикуваше Европејците за наводно непочитување на „слободата на говор“. Во меѓувреме, Стејт департментот го нападна истакнатиот бразилски судија Александре де Мораеш, кој во еден момент го блокираше Масковиот Икс во Бразил и инсистираше на кривичен процес против Болсонаро.
Големите технолошки компании очигледно се незадоволни од прописите со кои Европската Унија и Бразил го регулираат нивното работење. Како и во други области – особено во нападите на високото образование – следбениците на Трамп ја користат слободата на говорот како палка против наводните политички противници.
Лицемерието е очигледно: додека се залага за дерегулација на социјалните мрежи, наводно за да се заштити слободата на говорот, американската администрација ги претресува профилите на странците на социјалните мрежи во потрага по непожелни ставови (и врз таа основа им ги одбива визите или влезот во земјата). Побожните говори за одбрана на демократијата како заедничка западна вредност не можат да се усогласат со крајното непочитување на правото на другите земји самостојно да одлучат како ќе пристапат кон регулирањето на социјалните мрежи.
Додека радикално десничарските лидери на помалите земји остануваат ограничени од реалполитиката, Трамп може да си дозволи да ја користи американската моќ за промовирање на сопствената казнено-популистичка агенда како што ќе посака. Попустливата Републиканска партија очигледно нема да се побуни против злоупотребите на законот за меѓународни економски овластувања во вонредни состојби од 1977 година. Вистина е дека судовите на крајот можат да проценат дека Трамповата желба за политичка одмазда не претставува доволна законска основа за примена на „вонредни овластувања“, но дотогаш штетата веќе ќе биде направена. Како и во други области каде што неговата администрација преземаше очигледно незаконски чекори, многумина од оние што ќе се најдат на удар ќе се определат повеќе за спогодба отколку за отпор. Цената на солидарноста е висока – но тоа не важи за Трамп.
Проект синдикејт
(Авторот е германски филозоф и историчар)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“