Полагање државна матура Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Десетина ученици се обиделе да препишуваат од телефон на матурскиот испит

Ризикуваат да изгубат цела година од животот или да влезат на пазарот на трудот или да го продолжат образованието – вели министерката за образование

Десетина ученици биле отстранети од полагањето на првиот екстерен испит од државната матура во саботата зашто се обиделе да препишуваат од телефон, соопшти денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.

-Од информациите кои досега ги имам, бидејќи процесот се уште не е комплетиран, бројот на ученици што препишувале е значајно намален. Во моментов имаме информации за десетина деца кои се отстранети од тестирањето кои се фатени дека препишуваат од телефон. Информациите се собираат и за некој ден ќе бидат комплетни. Со оглед на тоа колку беа отстранети минатата година, сметам дека има напредок и очекувам секоја година тоа да биде се подобро и подобро – рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање при посетата на објектот во изградба за ОУ „Крсте Мисирков“ во Ченто.

Поради зајакнатите мерки за контрола, очекува бројот да биде уште помал на полагањето на вториот екстерен испит на 11 јуни кога, рече, ќе имаат информации за сите отстранети што препишувале, но дека „оваа бројка нема да биде многу поголема“.

ФОТОГАЛЕРИЈА | Со испит по мајчин јазик започна полагањето на државната матура

Министерката повторно апелираше до учениците кои се обидуваат „да го излажат системот“ и да препишуваат, со порака дека тоа им штети ним, „а потоа и на сите други“.

-Ризикуваат да изгубат цела година од животот или да влезат на пазарот на трудот или да го продолжат образованието – додаде Јаневска.

Над 15 000 ученици завчера полагаа прв дел од државната матура со тестот по мајчин јазик (македонски, албански, турски, српски) и литература, кој е задолжителен за сите матуранти.

Идната среда (11 јуни) матурантите ќе го полагаат вториот екстерен испит кој е по нивни избор. Најголем број пријавени (над 13 000) има за тестот по англсики јазик.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот