
Десет студенти на УКЛО започнаа со практикантска работа во општинските установи во Битола
Уште 10 студенти од Универзитетот „Свети Климент Охридски“ Битола започнаа со практикантска работа во општинските установи преку проектот „Универзитетска летна пракса“.
Препорачано
По завршувањето на првата и втората група студенти практиканти, кои беа дел од проектот, шестмина студенти во текот на септември ќе извршуваат работни задачи во Општината Битола, еден студент во Јавното претпријатие „Жабени“ и тројца во ОУ „Ѓорѓи Сугарев“.
-Преку вклученоста во работата во јавните општински институции во текот на овој месец, практикантите ќе се стекнат со вештини и знаења кои ќе им помогнат во натамошната кариера, а при тоа за време на нивната работа ќе дадат своја поддршка во работењето на институциите. Практикантите имаат обврски работните задачи да ги извршуваат одговорно и посветено, за што имаат право на месечен паричен надомест за практикантска работа од 10.000 денари во нето износ, како и персонален данок и осигурување од повреда при работа. За овој проект, преку општинската програма за спорт и млади предвидени се 500.000 денари-информираат од Битолската локална самоуправа.
Инаку, проектот Универзитетска летна пракса, Општината Битола го реализира во соработка со Универзитетот „Свети Климент Охридски“, преку Центарот за кариера, алумни и доживотно учење.