
Дерматолозите откриваат дали водата што ја пиеме навистина ја хидрира нашата кожа
Кога станува збор за постигнување здрава и сјајна кожа, речиси сите познати личности, модели и инфлуенсери секогаш го имаат истиот совет: „Пијте повеќе вода отколку што мислите дека треба“.
Препорачано
Нема сомнение дека пиењето вода е клучно за одржување на оптималното здравје, а сите знаеме дека кога сме дехидрирани, секако не изгледаме и не се чувствуваме најдобро.
Но, дали пиењето повеќе вода од вообичаено всушност може да ја промени нашата кожа сама по себе? Дерматолозите понудија неколку одговори и совети, пишува „Вог“.
Водата е неопходна за нашиот живот. Му помага на телото да одржува нормална температура, ги штити нашите чувствителни ткива и важни органи.
Дерматологот Дина Мраз вели дека хидрацијата е важна за целокупното здравје и нормалното функционирање на телото. Се разбира, целокупното здравје на телото го вклучува и здравјето на нашиот најголем орган – кожата.
„Кожата е одраз на она што се случува внатре во телото, па кога телото е во рамнотежа, кожата ќе го покаже тоа“, објаснува Мраз.
Покрај чувството на жед, дехидрацијата може да предизвика и главоболки. Покрај тоа, можеме да се чувствуваме уморни, па дури и неочекувано депресивни. Слично на тоа, знаците на дехидрирана кожа се исто така сосема очигледни. Може да видиме лупење или да почувствуваме дека кожата е затегната. Може да чувствуваме чешање или едноставно да забележиме дека нашето лице не изгледа како што сакаме.
„Дехидрираната кожа може да изгледа слабо, што резултира со повидливи брчки и темни кругови. Кога кожата е дехидрирана, може да го влоши изгледот на вообичаените знаци на стареење“, вели дерматологот Мариса Гаршик.
„Главниот ефект што хидратацијата го има врз изгледот на кожата е подобрена циркулација на крвта и доставување на хранливи материи и кислород до неа“, вели Мраз.
Двете експертки препорачуваат фокусирање на целокупното здравје, кое освен вода за пиење вклучува и добра исхрана и квалитетен сон. Покрај тоа, тие советуваат употреба на производи за нега на кожата кои ја зголемуваат влажноста и ја задржуваат.
„Генерално, најдобриот начин за хидратација на вашата кожа е преку редовна употреба на навлажнувачи и производи за нега на кожата“, советува Гаршик.
„Отстранувањето на мртвите клетки од кожата е важно бидејќи ја зголемува апсорпцијата на производите за нега на кожата. Активните состојки најдобро функционираат кога кожата редовно се ексфолира“, вели Мраз.
Значи, ако не пиеме доволно вода, дефинитивно ќе ги видиме последиците на нашето лице. Сепак, Гаршик заклучува дека нема доволно докази кои сугерираат дека пиењето вода над одредено ниво нужно ќе влијае на здравјето на кожата.