
Дерала: Русија врши агресија во Украина, тоа е закана за светскиот мир
„Руско-украинската криза започна кон крајот на 2013 година и кулминира со воената агресија и анектирањето на полуостровот Крим и воено-политичката и пропагандна поддршка на проруските паравоени формации во источните делови на Украина“, рече Џабир Дерала од Цивил во панел-дискусијата „Руско-украинската криза и Северна Македонија“.
Препорачано
Во моментов, 7,2% од украинската територија е под окупација, на границите со Украина се распоредени повеќе од 100,000 руски војници и тешко вооружување, а во тек се големи дипломатски напори да се одврати Русија од целосна инвазија на Украина, потсети Дерала.
Тој додаде дека руско-украинската криза има силно влијание на целиот свет, а последици веќе се чувствуваат во Северна Македонија, како и во земјите на Западен Балкан. Пред сè, земјите на Западен Балкан се ранливи од повеќе аспекти, особено затоа што не се под чадорот на ЕУ, кој има далеку поголема економска и политичка моќ да ги заштити своите земји членки. Дел од земјите на Западен Балкан се членки на НАТО, што е „олеснителна околност“. Но последиците во поглед на економијата, како и силниот пропаганден притисок, ги прават сите земји во регионот подложни на политичка нестабилност и кризи.
„Општеството и јавноста се поделени на проруски и прозападни. Можни се и посериозни економски и енергетски шокови, доколку тензиите останат“, констатира Дерала.