
Дениз Ричардс го обвини сопругот за кражба на приватни фотографии и за семејно насилство: „Ме давеше, ме удираше, ми се закануваше дека ќе ме убие“
Познатата холивудска актерка Дениз Ричардс тврди дека нејзиниот отуѓен сопруг, Арон Фајперс, ѝ ги украл приватните фотографии и ги прекршил судските одредби од привремената забрана за приближување.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Како што објавува „Пејџ сикс“, Ричардс поднела судски документи со кои бара од својот сè уште законски сопруг „да ги врати сите фотографии, видеоснимки и мобилни уреди“ што ѝ припаѓаат.
Таа, исто така, побарала судот да му забрани на Фајперс „да користи, пренесува, копира, отпечатува или открива какви било пораки, електронски писма, фотографии, белешки или друг материјал“ од нејзиниот мобилен телефон, лаптоп и други електронски уреди.
Арон Фајперс поднел барање за развод на 7 јули, неколку дена по жестока караница со актерката. Набргу потоа, Ричардс го обвини за физичко насилство и доби привремена судска забрана за приближување.
Во потресното сведочење пред судот, Ричардс изјавила: „Арон често ме давеше со сила, со двете раце ми ја стискаше главата, грубо ме фаќаше за рацете, ме удираше по лице и глава, насилно ми ја удираше главата од држачот за пешкири, ми се закануваше дека ќе ме убие. Знаеше да ми го стави коленото на грбот толку силно што го молев да престане за да не ме убие. Ми ги хакна лаптопот и мобилниот и ги презеде сите мои пораки. Често ми велеше дека ќе ми ја скрши вилицата, а потоа плачеше, ме молеше да останам и ветуваше дека ќе побара помош, што никогаш не го направи“.
Фајперс ги негираше сите обвинувања за семејно насилство, велејќи: „Сакам да се осврнам на неодамнешните гласини и шпекулации поврзани со мојот однос со Дениз. Да бидам јасен – никогаш не сум ја злоупотребувал физички или емоционално, ниту неа, ниту кој било друг. Овие обвинувања се целосно лажни и длабоко болни. Како и многу парови, и ние се соочивме со бројни предизвици, но секоја сугестија за злоупотреба е апсолутна невистина. Секогаш се обидував да му пристапам на нашиот брак со љубов, трпение и почит“.
Дополнително, тој ја обвини актерката дека е зависна од лекови против болка и дека не се храни доволно. Како што изјавил, на нејзините уреди нашол „докази за афера со инструкторот по боречки вештини Руди Рејес“.
Да потсетиме, Дениз Ричардс и Арон Фајперс се венчаа во септември 2018 година, но нивниот брак, по сè изгледа, завршува во сенка на меѓусебни обвинувања, судски спорови и медиумски скандали.