Отсекувањето на главата на свети Јован Крстител

Денеска се празнува Отсекувањето на главата на свети Јован Крстител

Ирод Антипа, синот на стариот Ирод, убиецот на Витлеемските младенци во времето на раѓањето на Господа Исуса, беше господар на Галилеја во времето на проповедта на свети Јован Крстител. Овој Ирод беше оженет со ќерката на арапскиот кнез Арета. Но, бивајќи зол изданок од зол корен, Ирод ја протера својата законита жена и незаконски ја зеде за сожителка Иродијада, жената на својот брат Филип, кој сè уште беше жив. Против ова беззаконие стана Свети Јован Крстител и силно го разобличи Ирод. Заради тоа, Ирод го фрли во затвор. За време на еден пир во неговиот дом во Севастија Галилејска, пред гостите играше Салома, ќерката на Филип и Иродијада. Пијан и занесен од таа игра, Ирод ѝ вети на танчерката дека ќе ѝ даде се што ќе посака, па дури и кога би побарала половина од неговото царство. Наговорена од мајка ѝ, Салома ја побара главата на свети Јован Крстител. Ирод нареди и му ја отсекоа на Јован главата во затворот, па му ја донесоа на Ирод на чинија. Учениците Јованови ноќе го зедоа телото на својот учител и чесно го погребаа, а Иродијада го избоде со игла Јовановиот јазик, а главата му ја закопа на некое нечисто место. Што стана понатаму со главата на светиот Претеча е опишано под 8 март. Набрзо оваа група злосторници ги постигна Божја казна. За да ја измие честа на својата ќерка, кнезот Арета удри со војска на Ирод и го порази до темел. Поразен, Ирод беше осуден од кесарот Калигула на прогонство, најнапред во Галија, а потоа во Шпанија. Како прогонети, Ирод и Иродијада живееја во беда и понижувања, додека земјата не се отвори и не ги проголта. Салома загина со зла смрт на реката Сикорис (Сула). Смртта на свети Јован се случи пред Пасха, а празнувањето на 11 септември е востановено затоа што тој ден е осветена црквата што на неговиот гроб ја подигнаа во Севастија светиот цар Конастантин и неговата мајка, светата царица Елена. Во таа црква се положени моштите на Јовановите ученици: Елисеј и Авдиј.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот