Душан Љубисављевиќ – Дуле - Фото: Facebook

Денеска се навршуваат 12 години од смртта на Душан Љубисављевиќ – Дуле: Гитарата која остави трага на македонската музичка сцена

Душан Љубисављевиќ – Дуле е роден на 29 мај 1974 година во Штип. Името на музичарот кој ја обележаа македонската музичка сцена во текот на 90-тите и 2000-тите години, пред сè познат како дел од легендарното дуо „Дуле и Коки“, ќе остане вечно впишано во македонската музичка историја.

Музичката кариера ја започнува скромно, заедно со својот другар Никола Јанков – Коки, настапувајќи по штипските кафулиња. Уште како тинејџери го почувствувале пулсот на публиката, а по завршувањето на средното образование, Дуле се сели во Скопје со желба за поголема афирмација.

Големиот пробив на музичката сцена се случува во во 1996 година, кога со песната „Виолина и гитара“ победуваат на реномираниот фестивал „Макфест“. Композицијата, чија музика и текст ги потпишува Александар Митевски, а аранжманот Валентино Скендеровски, станува еден од најголемите евергрини во македонската музика.

Во текот на својата кариера, „Дуле и Коки“ создадоа над 50 композиции, меѓу кои и незаборавните „Мене место не ме фаќа“, „Марама“, „Дај ми шанса“, „Јас сум за тебе“ и други. Песни со кои пораснаа генерации, и кои сè уште се дел од секојдневието – на радијата, семејните прослави, или во моменти на тишина и носталгија.

Во последните месеци од својот живот, Дуле активно работеше на нови песни, кои требаше да бидат дел од нов албум на „Дуле и Коки“. Паралелно, беше посветен на сопствениот ресторан „Доменика“, каде што наоѓаше мир и инспирација.

Душан Љубисављевиќ – Дуле ненадејно почина на 23 септември 2013 година во Скопје, оставајќи зад себе неизмерна празнина, но и богато музичко наследство.

Дуле останува запаметен како скромен човек со големо срце, неповторлив глас и искрена љубов кон музиката. Неговата музика и понатаму живее – како мост меѓу минатото и сегашноста, како сеќавање на едно златно време од македонската естрада.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот