
Денеска инаугуративна миса на папата Лав XIV
Папата Лав XIV денес ќе предводи инаугуративна миса во Ватикан, со што официјално ќе ја започне својата служба како 267-ми поглавар на Римокатоличката црква.
Препорачано
Литургиската служба е закажана да започне во 10 часот наутро во Рим, а на неа ќе присуствуваат бројни светски претставници и верски лидери. Мисата ќе се одржи на плоштадот „Свети Петар“ пред базиликата „Свети Петар“ во Ватикан, која е дизајнирана во 17 век од познатиот италијански скулптор и архитект Џан Лоренцо Бернини, а е позната по своите препознатливи елиптични колонади кои ја симболизираат прегратката на верниците.
Се очекува на новиот папа да му бидат врачени официјалните симболи на неговата папска функција. Палиумот, литургиска облека направена од волна на јагниња одгледувани од трапистите, ја симболизира улогата на папата како пастир на верниците, објави „Нешнал Католик Репортер“.
Палиумот на папата се носи преку рамената и се прицврстува со три иглички што личат на шајките на крстот Христов. Папата Лав XIV ќе добие и рибарски прстен, познат и како прстен на Пискатор, кој ја симболизира врската на папата со Свети Петар. Прстенот е уништен или скршен по смртта на папата.
Меѓу официјалните лица кои ќе присуствуваат на инаугуративната миса се потпретседателот на Соединетите Американски Држави Џ.Д. Венс и државниот секретар на САД Марко Рубио, австрискиот канцелар Кристијан Стокер, канадскиот премиер Марк Карни, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, францускиот премиер Франсоа Бајру и германскиот канцелар Фридрих Мерц. Италијанскиот претседател Серџо Матарела и премиерката Џорџија Мелони, израелскиот претседател Исак Херцог, руската министерка за култура Олга Љубинова, украинскиот претседател Володимир Зеленски и многу други, исто така, ќе бидат таму, објави Ројтерс.
Поранешниот американски кардинал Роберт Превост, кој како папа го зел името Лав XIV, е избран за поглавар на Римокатоличката црква на 8 мај, пренесува Танјуг.