
Демократски сојуз: Изборниот законик е спротивен на Уставот и им обезбедува политички монопол на четири партии
Демократскиот сојуз обвинува дека измените на Изборниот законик од 2020 година им даваат 8 минути од 9,5 достапни за политичко рекламирање и буџетско финансирање на четирите најголеми партии, оставајќи минимален простор за сите останати.
Демократскиот сојуз подолго време бара коренити промени на изборните правила, меѓу другото и поради тоа што истиот воспоставува еднопартиско владење, партиите немаат еднакви услови и шанси за политички натпревар, посебно еднакви можности за информирање на граѓаните за политичките програми, проектите што ги предлагаат или претставување на кандидатите за претседател на државата, пратеници, градоначалници или советници, обвинуваат од Демократскиот сојуз.
Препорачано
Апасиев се закани со тужба: Забраната за рекламирање на Левица ќе заврши во Стразбур
„Со измените на Изборниот закиник од 2020 година, од девет минути и триесет секунди по реален час на емитувана програма, за политичко рекламирање, осум минути им припаѓаат на четири партии (две од власта и две од опозицијата), само една минута за сите други парламентарни партии и 30 секунди за другите партии и независни кандидати. Ист е соодносот и за финансирање на политичката кампања од Буџетот на државата“, се вели во соопштението на партијата.
Овој монопол креиран и озаконет од двете најголеми партии од „македонскиот блок” и двете најголеми партии од „албанскиот блок”, се додава во соопштението, ги гуши плурализмот и демократскиот развој на државата и спречува да се појави нова политичка сила во Македонија.
„Изборниот законик фаворизира етаблирање на авторитарен режим. Инаку, Демократскиот сојуз во јануари 2022 година достави иницијатива до Уставниот суд, со која бара да се укине монополската положба на четирите партии поврзана со медиумскиот простор за политичко рекламирање и финансирање на политичката кампања од Буџетот на државата. Уставниот суд на 26 јуни 2022 година го одложи разгледувањето на иницијативата со образложение дека станува збор за сложена инијацитива и дека е потребен целосен состав на Уставниот суд. Демократскиот сојуз е против тоа, од Буџетот на државата да се финансираат политички кампањи. Секоја политичка партија треба да ја финансира кампањата од чланарината што ја плаќаат членовите а партиите да имаат еднаков пристап до медиумите“, заклучуваат од Демократскиот сојуз.
Од партијата ги доставија иницијативата до Уставниот суд и соопштението од Уставниот суд.


