
Демна ѝ кажа збогум на „Баленсијага“ и се префрли во „Гучи“: Дизајнерот кој успеа да ги распродаде ќесите од „Икеа“ и „уништените“ патики
Модниот бренд „Гучи“ во четвртокот објави дека уметничкиот директор на „Баленсијага“, Демна Гвасалија ќе ја преземе улогата на креативен директор на италијанската луксузна модна куќа, почнувајќи од јули.
Препорачано
„Гучи“ и нејзиниот француски сопственик, групацијата „Керинг“ рекоа во изјавата дека Демна „го редефинирал модерниот луксуз, стекнувајќи глобално признание и зацврстувајќи го својот авторитет во индустријата“, пишува „Си-ен-ен“.
Демна, ја носеше титулата уметнички директор во „Баленсијага“ веќе една деценија.
– Навистина сум возбуден што ќе се приклучам на семејството „Гучи“. Чест ми е да придонесувам за куќа која длабоко ја почитувам и на која долго време ѝ се восхитувам – рече тој во изјавата.
Назначувањето доаѓа откако од групацијата „Керинг“ минатиот месец изјави дека ќе се раздели со поранешниот дизајнер Сабато Де Сарно, кој работеше како креативен шеф на „Гучи“ само две години.
Продажбата на групацијата „Керинг“ е намалена од слабите перформанси на „Гучи“, неговиот најголем бренд, кој сочинува околу половина од продажбата на француската луксузна групација и две третини од профитот. За целата 2024 година, приходите на „Керинг“ се намалиле за 12 отсто на 17,2 милијарди евра (18,6 милијарди долари), од кои „Гучи“ учествуваше со 7,7 милијарди евра (8,3 милијарди долари).
Керинг, кој исто така ги поседува „Ботега Венета“, „Сен Лоран“ и „Меквин“, го пофали мандатот на Демна во „Баленсијага“, каде што тој е креативен директор од 2015 година.
Сепак, мандатот на Демна не помина без контроверзии: во 2022 година, „Баленсијага“ доби жестоки реакции откако објави рекламна кампања која се протолкува како поддршка на злоупотреба на деца и порнографија. По жестоките критики на интернет и тужбата од 25 милиони долари против продуцентската компанија која стои зад една од нив, „Баленсијага“ призна „низа грешки за кои презема одговорност“ и ја повлече кампањата.
Демна се најде на насловните страници и со неговите провокативни креации, како верзијата на класичната чанта на Икеа од 2.000 долари и „уништените“ патики кои беа спакувани во искината кутија а се продаваа за 1850 долари.
Франсоа-Анри Пино, претседател и извршен директор на „Керинг“, рече дека придонесот на Демна во изминатата деценија и за групацијата и за брендот бил „огромен“, додавајќи дека неговата креативна моќ е токму она што му треба на „Гучи“.
„Длабокото разбирање на современата култура на Демна, заедно со неговото долгогодишно искуство во замислување визионерски проекти, го етаблираа како еден од највлијателните и најостварените креативци на неговата генерација“, додаде Франческа Белетини, заменик извршен директор на „Керинг“ задолжена за развој на брендот.