Лешница, Фото: Архива

Дехари: Малата хидроцентрала на Лешница ќе се доврши, нови нема да има

Малата хидроцентрала на река Пена во месноста Лешница сепак ќе биде изградена, вели за „Слободен печат“ директорот на јавната установа Национален парк „Шар Планина“, Ибрахим Дехари.

Дехари, кадар на ДУИ и некогашен министер за странски инвестиции, зборувајќи за идното функционирање на националниот парк и заштитата на природата од штетните влијанија на малите хидроцентрали, посебно во заштитените подрачја, каде од примарно значење е зачувувањето на негибнатата природа и значајните хабитати на флората и фауната на планината и реките, рече дека став на Владата е да биде дозволена изградба на оние мали хидроцентрали на подрачјето на националниот парк, чијашто градба е веќе отпочната.

„Тие што не почнале со градба на други локации на Шара, нема ниту да почнат“, вели Дехари и додава, „за оние кои биле планирани и за кои се веќе издадени концесии, а чијашто градба сѐ уште не е почната, донесена е одлука да бидат стопирани, а сопствениците да бидат соодветно обештетени“.

Но, директорот на ЈУ НП Шар Планина ветува дека, оние мали хидроцентрали, кои во иднина ќе функционираат во рамите на националниот парк Шар Планина ќе бидат под нивна строга контрола.

„За сите неправилности или евентуални узурпации на природните реурси веднаш ќе ја информираме Владата, но и медиумите“, вели Дехари.

Новата јавна установа Национален парк Шар планина е во завршна фаза на формирање. Владата го усвои составот на Управниот Одбор на националниот парк, изготвен е Нацрт-план за управување со Националниот парк, а наредниве месеци треба да се изготви Стратегиска оценка на Планот за управување со што ќе се дефинираат дозволените и забранетите активности, а во таа насока и идното одржливо користење на шумскиот фонд во паркот, а за нив ќе се одржат и јавни расправи.

За Дехари, еден од најголемите проблеми е расфрланото ѓубре на подрачјето на националниот парк, посебно во повисоките шарпланински села, каде има цели диви депонии поради тоа што нема редовно собирање на комуналниот отпад.

„Министерството за животна средина издвои средства за чистење на дивите депонии, а во преговори сум со општините кои се протегаат на просторот на националниот парк да почнат да го превземаат отпадот онаму каде сега тој не се собира, како на пример во селата Бродец, Бозовце, Вешала, Ново село и други“, вели директорот на НП Шар Планина.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот