
Деценија по поразот, Ал-Каеда повторно на повидок
Една деценија по губењето на своите упоришта во Јемен, терористичката организација Ал-Каеда на Арапскиот Полуостров (AQAP) повторно покажува способност да се адаптира, да напаѓа и да се шири. Организацијата денес комбинира нови тактики, дигитални стратегии и глобални пораки, користејќи ја слабоста на јеменските институции и продолжената политичка нестабилност.
Препорачано
Јемен, некогаш познат како „Арабија Феликс“, одамна стана синоним за војни преку посредници и екстремистичко насилство. Иако подемот на Исламска држава за момент го одвлече вниманието од Ал-Каеда, колапсот на ИС остави вакуум кој Ал-Каеда вешто го пополни.
Нови напади и глобални пораки
Во 2025 година организацијата демонстрираше обновена сила. Во јануари милитантите нападнаа позиции на сили поддржани од Обединетите Арапски Емирати во покраината Абјан со беспилотни летала, објавувајќи видео-доказ за операцијата. Во април следуваа напади на контролни пунктови во областа Муди, што покажа дека Ал-Каеда може да дејствува и во региони формално контролирани од коалицијата.
Кулминација беше појавувањето на лидерот Саад бин Атеф ал-Авлаки во јуни. Тој не само што повика на напади во Египет и земјите од Заливот, туку ги именува и претседателот Доналд Трамп и претприемачот Елон Маск како потенцијални цели – јасна демонстрација дека Ал-Каеда сака повторно да се позиционира како глобален играч.
Успон и пад на Мукала
Сетилото за јеменскиот хаос не може да се разбере без приказната за Мукала, град кој во 2015 година падна во рацете на Ал-Каеда за само неколку дена.
Според истражувачот д-р Омар Бајардана, комбинацијата од институционална корупција, влијанието на Муслиманското братство и незадоволството од централната власт им овозможија на милитантите да го преземат градот.
Стотици борци ја нападнаа Мукала, ослободија 300 затвореници, ограбија банка со околу 100 милиони долари и воспоставија парадржавен систем. Ал-Каеда воведе „даночен режим“, ја контролираше трговијата со гориво и се претставуваше како заштитник на населението. За разлика од Исламска држава, која во Јемен отфрлаше локални племенски структури, Ал-Каеда ги интегрираше племенските лидери, обезбедувајќи привид на ред.
Но, зад оваа фасада стоеше владеење на теророт: егзекуции, ограничување на слободите и постојан притисок врз населението.
Интервенција и последици
Како што пишува „Политика“ во 2016 година, коалицијата предводена од Саудиска Арабија со клучна улога на Ал-Каеда го ослободи градот. Според д-р Бајардана, токму воената и институционалната помош од Емиратите била пресудна за враќање на нормалноста. Но, со ослободувањето се открија и слабостите – празен државен буџет, колабирани јавни услуги и тензии меѓу племенските групи.
Овие фактори создадоа плодна почва за повторно оживување на екстремизмот.
Новата стратегија на Ал-Каеда
Денес, Ал-Каеда не е само локален играч. Таа користи беспилотни летала, развива дигитална пропаганда и се обидува да ја прошири својата агенда надвор од Јемен. Експертите предупредуваат дека територијалниот пораз не значи и пораз на идеологијата.
Новинарот Хамди Абдел Азиз ал-Јафи подвлекува дека борбата против Ал-Каеда бара многу повеќе од воена или полициска контрола. Според него, потребна е стратегија што ќе ја опфати борбата со идеологијата – од училишта и џамии до културни институции – како и градење на одговорни државни институции и економски можности за младите.
Па така како што наведува медиумот Ал-Каеда на Арапскиот Полуостров останува најопасната регионална гранка на организацијата, со способност да се прилагоди на променливите услови. Јеменската криза, со своите економски, племенски и политички димензии, ѝ овозможува простор за опстанок. Прашањето е не дали, туку колку брзо и со какви последици овој феномен ќе прерасне во глобална закана.