Децении проживеани во Орвеловата 1984

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Како се најдовме заробени со децении во Орвеловата 1984, кога историјата се пишува секој ден одново, и кога како ништо и да не се случило претходно? Како е можно денес никој во Македоња да не се сеќава на единаесетте години фашизоидна диктатура на ВМРО-ДПМНЕ што темелно ги сотреа македонската гордост и достоинство? Колку треба да сме дементни да помислиме дека со вемерето можеме да бидеме повторно горди?

Го слушнав деновиве и Јувал Ноа Харари, проминентниот израелски историчар, филозоф и интелектуалец како објаснува дека „доколку ѝ дозволиме на Русија да победи во руско-украинската војна, тоа ќе биде крај на глобалниот поредок“ каков што го знаеме, демек, од Втората светска војна, па сè до денес. Оваа неверојатна глупост ја слушам веќе по илјадити пат од лидерите на западниот свет последниве десет години, при што на последниве и не им забележувам многу, зашто глупавоста и плиткото паметење денес веќе стана дистинктивно својство на политичките елити, но на историчар и интелектуалец не му стои да држи во черепот селективна тунелска меморија што памети само настани што му ја склопуваат дневната слика на светот.

И тука не е во прашање за кого или против кого Харари „навива“, или дали авторот го сакам или не (патем, неговата „Сапиенс“ ја исчитав со големо задоволство, мислејќи – очигледно преурането – дека се појавил млад интелектуален гигант), туку дека се работи за ноторна невистина, негирање на општопознати и документирани историски случувања и факти, што би требало да им бидат познати на сите жители на планетава постари од 16 години.
А зошто ме испровоцира една толку банална и повторувана лага, ќе прашате? Кусиот одговор е дека зад оваа конкретна глупост, политичка парола што самата е лажна и празна и, конечно, не значи ништо, се крие една колосална лага за светот по Студената војна.

Имено, дека американската глобална хегемонија или монополарниот свет владеан од еден хегемон – атлантската тоталитарна империја од Орвел наречена Океанија – воопшто не се ни случила во деведесеттите години од 20 век, туку дека таа трае од почетокот на времето, или уште попрецизно, дека таа е трансисториската природна појава, која е воедно и морална и политичка вечност или исходиште на историјата на целото човештво. Всушност, се работи за чудовишна политичка и културна офанзива што Западот ја презема по 1991 година, со која реши да ја капитализира победата во Студената војна и да завладее со сите пространства и земји на уништениот социјалистички сон.

Негирање на големи историски настани

Тврдењето дека едно нешто првпат се случило, та претставува преседан што го урнува статус-квото на идеалниот поредок, е самото по себе навредливо и за моралот и за интелигенцијата на луѓето, кои паметат сосем добро дека исти такви настани се случувале во блиското минато повеќе пати. Тврдењето е не само невистина по себе, туку и активно негирање на големи историски настани што претходно го воспоставиле преседанот, но и ништење на илјадниците, па и милионите претходни жртви што согласно „новата историја“ биле залудни како и да не се случиле.
Руското признавање независност на самопрогласени републики што биле области или автономни области на Украина, беше прогласено за преседан што го урива светскиот поредок, иако Европа и Америка – како и целиот свет – ја признаа независноста на самопрогласените републики на Советскиот Сојуз и на Југославија додека овие постоеја во своите меѓународни граници!? Руското припојување на Крим е наречена прва анексија во Европа по Хитлеровиот аншлус на Австрија во 1938 година, а вистинскиот аншлус, грамаден по своите размери, се случи со анексијата на Демократската Република Германија од страна на Сојузната Република Германија по 1989 година.
Кога Западна Германија ја проголта Источна Германија, сосем нелегално, без референдум или какво било плебисцитарно изјаснување, значи во модусот на полициско-воен аншлус, целиот свет, всушност, го славеше обединувањето на Германија во приближните граници на Хитлерова Германија пред да почне нејзината катастрофална експанзија што експлодираше во Втората светска војна. Врескањето дека инвазијата на Русија врз Украина и освојувањето на 20 отсто од нејзината некогашна територија е без преседан и како таква претставува уривање на светскиот поредок, е благо речено малоумно од аспект на настаните од неодамнешната историја, кога земјите на НАТО извршија воена инвазија врз тогашна Југославија, првин бомбардирајќи ја со неверојатни 40.000 воздухопловни акции – резултат што Русите не го достасаа ниту за повеќе од две години војна – а потоа вршејќи инвазија со копнена армија за да освојат и отцепат 13 отсто од територијата на Србија, на кои е подоцна прогласена независната косовска република. Вредносните, политичките или моралните атрибуции тука воопшто не се потребни, зашто преседаните се случиле, настаните се стварност што се реализирала и што ја паметиме, а денес се однесуваме како ништо и да не се случило.
Ова ужасно орвеловско повторно пишување на историјата, и воедно бришењето на сето она што денес не е опортуно за Министерството за вистината, почна одамна и веќе остава тешки каверни во мозоците на живите. За крајот на Првата светска војна по која со Версајската мировна спогодба триумфираше Атлантската Океанија – Франција, Велика Британија и САД, и опскурната епизода со Договорот од Локарно, во 1925 година, со кој Лигата на народите ја придружи Германија, веќе никој и не знае, а во него се крие никулецот на најголемата од сите трагедии што им се случи на источните словенски народи.

Имено, во Договорот, границите на Германија со Атлантска Европа беа фиксирани и гарантирани, додека границите со Чехословачка и Полска, како и австриската граница со Југославија, Унгарија и Чехословачка беа оставени меки, пропусни и неизвесни, со некакви неодредени одредби дека треба да бидат арбитрирани пред секоја нивна идна промена. Овие ужасни одредби се воведот во Хитлеровата експанзија на исток, Минхенскиот мировен договор во кој Чехословачка е распарчана, не само од страна на Германија, која анектираше лавовски дел, туку и од Полска и од Унгарија, кои предаторски присвоија делови за себе. Кој денес знае за овие клучни договори што ја генерираа пропаста на светот дузина години подоцна? А и кому му е денес гајле за тоа.

Вистинското уривање на светскиот поредок

Вистинското уривање на светскиот поредок, уреден по Втората светска војна почна – и сè уште трае – со лажењето за антифашистичкиот отпор во Европа и за нејзиното ослободување од страна на Америка и Велика Британија, како и со денешната верзија е дека Црвената армија само ја ширеше Сталиновата империја, заменувајќи им го на источните и централните Европејци нацистичкото ропство со социјалистичко. Оваа фашистичка лага е денес таканаречената „конвенционална мудрост“ на официјална Европа, Британија и Америка. Децата ја учат уште во основно училиште, политичарите изгласуваат декларации во Европскиот парламент со овие гнасни лаги, лесно соборливи, дури прелесно за секој што има и грам човечко достоинство и самопочит. Но, никој не проверува, а нема и зошто: лагата е толку широко прифатена што е вон сечија памет да се посомнева во неа.
А, лута и стамена е вистината дека пред Втората светска војна и за целото време на нејзиното траење, единствениот организиран и траен отпор во од нацистите окупираната Европа го даваа комунистите. Непобитен факт е дека масивна антифашистичка војна во Европа од 1941 до 1944 година со фашистичките сили водеа единствено Црвената Армија на Советскиот Сојуз и Народноослободителната војска и партизанските одреди на Југославија. Поради тоа, само Советскиот Сојуз и Југославија без непосредна надворешна помош се ослободија од нацизмот, Црвената армија безмалку самата ја победи фашистичката Европа во германска униформа, а овие словенски земји – заедно со Полска – ги поднесоа и најголемите жртви во војната: Полска изгуби 18 отсто од населението, Советскиот Сојуз 15 отсто, а Југославија 12 отсто.
Така што, лепешкарењето дека некои работи се случиле по првпат е негирање на чудовишните трагедии што се случиле претходно, и всушност значи понижување и поништување на претходните жртви. Тоа е исто како и веќе вообичаеното изедначување на комунизмот со нацизмот; изедначување кое е вистинската причина за уривањето на антифашистичката суштина на модерна Европа и светскиот поредок, како и на моралните темели на повоениот либерален светоглед.
И, да, се разбира дека руската инвазија во Украина е нелегална и криминална, но нелегални и криминални беа и инвазиите на НАТО на Југославија, Авганистан, Ирак, Сирија, Либија и куп други интервенции што се случиле претходно и во меѓувреме. При што, се разбира, не е воопшто спорно дека сите овие војни се неморални, но неморално е и тоа што евроатлантската „конвенционална мудрост“ го оспорува воопшто и нивното постоење. Како се најдовме заробени со децении во Орвеловата 1984, кога историјата се пишува секој ден одново, и кога како ништо и да не се случило претходно? Како е можно денес никој во Македоња да не се сеќава на единаесетте години фашизоидна диктатура на ВМРО-ДПМНЕ што темелно ги сотреа македонската гордост и достоинство? Колку треба да сме дементни да помислиме дека со вемерето можеме да бидеме повторно горди?

(Авторот е архитект и универзитетски професор)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот