Меѓународен ден на лица со попреченост / Фото: МОН

Децата со попреченост и натаму се меѓу најранливите и пропуштаат од квалитетно образование

По повод Меѓународен ден на лицата со попреченост, УНИЦЕФ ја повикува земјата да остане посветена на инклузивно образование за секое дете

Според извештајот на УНИЦЕФ за „Инклузивно образование во Северна Македонија“, бројот на ученици со попреченост кои редовни ги посетуваат македонските основни училишта е двојно зголемен. Во учебната 2019/20 година имало четири ученици по училиште во просек – на девет ученици по училиште во учебната 2023/24 година.

Иако ваквиот напредок ветува, во извештајот се нагласува дека децата со попреченост и натаму се меѓу најранливите деца што пропуштаат квалитетно образование.

По повод Меѓународен ден на лицата со попреченост, УНИЦЕФ ја повикува земјата да остане посветена на инклузивно образование за секое дете.

– Инклузивното образование не е само стратешки пристап, тоа е заложба за правичност и квалитет во образованието. Обезбедува фер шанса за сите деца, вклучително и за децата со попреченост, да одат на училиште, да учат и да ги развиваат вештините што им се потребни за да напредуваат, рамо до рамо со своите врсници. Кога децата со попреченост учат во иста училница со другите деца, имаат корист сите деца, како и пошироката заедница, преку негување култура на прифаќање и различност. Овој Меѓународен ден на лицата со попреченост, земјата треба да биде мотивирана од досегашниот напредок и да ги забрза реформите за да допре до секое дете – изјави Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека во изминатите месеци, преку дискусија со сите засегнати страни било јасно предочено дека концептот на тотална инклузија функционира само на хартија, а во пракса не се спроведува и затоа нема очекувани ефекти.

-Министерството за образование и наука посветено работи за децата со посебни образовни потреби да добијат квалитетно образование согласно потребите и можностите, да го достигнат својот целосен потенцијал и да израснат во граѓани вклучени и ангажирани во општеството. Денес, на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, велиме ДА за функционална инклузија, НЕ за систем од кој родителите се незадоволни, а наставниците имаат големи забелешки – порача Јаневска.

Таа најави дека се подготвува промена на моделот на инклузивно образование и секој родител, заедно со стручни лица ќе може да одлучи дали неговото дете ќе учи во редовно или посебно училиште со ресурсен центар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот