Универзитетска детска клиника / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Децата што лежат долго на Детската клиника, од 1 септември ќе следат настава

Наставата ќе се врши или директно, односно дечињата ќе слушаат онлајн-настава истовремено со останатите соученици или индивидуално, по принцип на испорачување материјали до учениците, давање задачи и оценување на трудот, а начинот на кој децата ќе го добијат и продолжат своето образование директно ќе зависи од нивната здравствена состојба

Децата кои долготрајно се лекуваат на Клиниката за детски болести во Скопје од септември добиваат формално основно образование кое ќе се одвива директно преку видеоповици додека трае наставата во училиштата или индивидуално со наставник, кој активно ќе им задава задачи и ќе им го оценува знаењето.

Овој проект денеска од Комплексот клиники „Мајка Тереза“ го најавија министерката за образование и наука Весна Јаневска, министерот за здравство Азир Алиу и Марија Вук, претседателка на невладината организација САНО – Здружение кое им помага на децата со канцер и учествува во овој проект.

Иницијаторите појаснија дека за оваа цел се направиле измени во законската регулатива со која почнувајќи од септември оваа година, училиштата треба директно да ги вклучат во наставата дечињата кои се лекуваат на Детската клиника.

Наставата ќе се врши или директно, односно дечињата ќе слушаат онлајн-настава истовремено со останатите соученици или индивидуално, на принцип на испорачување материјали до учениците, давање задачи и оценување на трудот, а начинот на кој децата ќе го добијат и продолжат своето образование директно ќе зависи од нивната здравствена состојба.

За таа цел, веќе се започнати обуки на наставниците за овој нов тип ефективна настава на далечина со овие деца.

Директорот на Клиниката за детски болести, Реџеп Мемеди, го изрази своето задоволство за овој проект, со кој, како што вели, децата ќе го добијат своето образование кое освен средство за учење и надоградба, кај децата ќе ја зачува самодовербата и менталното здравје, со што тие многу полесно и мотивирано ќе го поминат своето лекување.

– Имам голема чест како директор на Клиниката за детски болести да бидам дел од овој многу важен момент за децата во болница. Се работи за воведување на формално образование за децата кои се наоѓаат на подолг болнички престој или се лекуваат во домашни услови поради сериозни здравствени состојби, како што се малигни заболувања и слично.

Образованието не е само средство за учење, туку и клучна алатка за емоционална стабилност и зачувување на самодовербата на децата, па според тоа, вклучувањето на децата од болница во формалното образование значи половина здравје, бидејќи доброто ментално здравје кај овие мали пациенти значи дека многу полесно и помотивирано ќе го поминат долготрајниот пат на лекување – рече директорот Мемеди.

Претседателката на САНО, Марија Вук истакна дека е ова историски чекор и се заблагодари за поддршката.

Министерката за образование Јаневска изјави дека досега кон овие дечиња биле направени сериозни пропусти и дискриминација, за кои со ова системско решение, се покажува дека не биле нерешлив проблем.

– Овој процес постојано ќе се унапредува. Она што е значајно е дека во овој момент, одреден број наставници кои имаат такви дечиња овде, веќе се на обука, за од 1 септември да можат да почнат да го работат тоа – информираше Јаневска и се заблагодари на сите кои учествуваат во проектот.

Во моментов на Клиниката има околу 20 деца, но тој број се менува, а кај децата со малигни заболувања, понекогаш третманот трае и до две години и при нивното интензивно лекување, првите шест месеци децата се приморани постојано да бидат хоспитализирани, рече директорот Мемеди.

Министерот за здравство Азир Алиу информираше дека од утре ќе се креира работна група во чиј фокус ќе биде обезбедување квалитетен кадар за работа со децата кои се лекуваат на Клиниката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот