
Дежа ву во Собрание – Власта не успевала да го „исчисти“ Судски и со негативен извештај
Негативниот извештај за работата на Судскиот совет не ги обврзува пратениците да почнат процедура за разрешување на членовите на Советот избрани во Собранието, како што најавува власта, но и собранискиот спикер, Африм Гаши. Идентична ситуација со сегашната имало и во минатото кога на власт беше СДСМ, а на чело на Судскиот совет беше Зоран Караџовски, избран во време на ВМРО-ДПМНЕ, кој беше мета на критики од тогашната власт. Иако не бил усвоен извештајот за работата на овој состав на Судски совет, сите членови избрани во Собрание останаа до крајот на своите мандати, а нивното разрешување никогаш не дојде на дневен ред.
Препорачано
Според документи и извештаи до кои дојде „Слободен печат“, а се објавени на веб-страницата на Собранието може да се види дека во јануари 2018 година, Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците на Собранието, со која претседавал Александар Кирацовски, исто како и сега, не го усвоила годишниот извештај за работата на Судскиот совет за 2016 година.
-Врз основа на расправата, Комисијата со 8 гласа „против“ и еден „воздржан“ не го усвои заклучокот со кој се предлага Собранието на Република Македонија да го усвои Годишниот извештај за работата на Судскиот совет на Република Македонија за 2016 година – стои во извештајот на Комисијата, усвоен на почетокот на 2018 година. Судскиот совет го поднел извештајот за 2016 година до Собранието во јули 2017 година, а е потпишан од тогашниот претседател на Советот, Зоран Караџовски.
Извештајот не бил усвоен и на пленарна седница.
– Собранието на Република Македонија на триесет и втората седница, одржана на 3 септември 2018 година и 9 јануари 2019 година го разгледа Годишниот извештај за работата на Судскиот совет на Република Македонија за 2016 година и врз основа на претресот не го усвои заклучокот со кој се предлага Собранието да го усвои Годишниот извештај за работата на Судскиот совет на Република Македонија за 2016 година – се вели во заклучокот на Собранието во кој имаше увид „Слободен печат“.
Караџовски беше избран за претседател на Судскиот совет во април 2016 година, а претседателското столче го напушти во 2019 година кога му заврши мандатот и покрај бројните критики за нетранспарентност и политички влијанија.
Кога седна на претседателското столче СДСМ ги обелодени „бомбите“ во кои се слушнаа имиња на судии кои наводно работеле под диктат на ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, Караџовски во својот мандат не разреши ниту еден судија и негираше дека во „бомбите“ имало некакви индиции за разрешување на кој било судија, а меѓу оние што се слушнаа беше и неговата претходничка која во тоа време беше член на Советот, Александра Зафировска.
И на заминување, Караџовски тврдеше дека нема сознанија за политички влијанија врз судиите иако не отвори постапка и за посебниот извештај на Специјалното јавно обвинителство, во кој неколкумина судии беа посочени дека работеле во дослух со ВМРО-ДПМНЕ, односно ѝ овозможиле на тогашната владејачка партија целосно да ги контролира институциите на Судскиот совет.
Ова највисоко судско тело речиси еден месец е без претседател, откако поранешната претседателка Весна Дамева поднесе неотповиклива оставка во која директно ја посочи извршната власт и премиерот Христијан Мицкоски за притисоци и несоработка. Таа беше мета на критики на премиерот, а за Судскиот совет власта прво најавуваше негово распуштање, а сега разрешување на членовите што се избрани од Собранието, иако тоа и законски и уставно е тешко изводливо.
Собранискиот спикер Гаши сега толкува дека негативниот извештај за работата на Советот значи дека Собранието на некој начин ги отповикува и дека може да почне процедурата за нивно разрешување.
– Процедурата е одредена во Деловникот. Комисијата за избори и именувања како што ги назначила, така ќе предложи да бидат разрешени и така ќе оди назначувањето на новите членови на Судскиот совет. Од Комисијата за избори и именувања ќе зависи кога ќе почне процедурата, на дневен ред ќе биде штом има услови за тоа прашање – вели Гаши.
Тој уште најави дека ќе се консултираат со Уставниот суд за правнички да не згрешат.
Премиерот, пак, кажа дека по Нова година ќе преземат мерки против судии и обвинители, но не кажа конкретно дали ќе почне процедура за разрешување на членови на Судскиот совет.