
Даночните контроли им даваат надеж на работниците
УЈП наскоро ќе излезе со наоди за повеќе фирми од текстилната и кожарската индустрија, кои неосновано отпуштаат работници и не исплаќаат плати.
Акцијата на УЈП во штипската конфекција „Баргала“ дава надеж во борбата за работнички права, оцени Кристина Ампева од „Гласен текстилец“. Откако директорката Сања Лукаревска објави дека се откриени големи прекршувања во работењето на оваа фабрика, беа најавени и пријави до Обвинителството. Даночното и сметководствено работење на компанијата било повеќе од лошо, а според Лукаревеска, даночните инспектори ги проверувале персоналниот данок на доход, неисплатените плати, но и данокот на добивка.
Препорачано
-Ова е на некој начин и сатисфакција за нас, бидејќи во изјавата на директорката Лукаревска стои дека контролите се правени по пријави на здруженија и работници – напиша на Фејсбук, Ампева.
Лукаревска посочи дека наскоро Управата ќе излезе со сите наоди за повеќе фирми најмногу од текстилната и кожарската индустрија кои неосновано отпуштаат работници и не исплаќаат плати.
Случајот со штипска „Баргала“ доби гласност, откако пред десетина денови беа отпуштени 100 работници, затоа што три дена не доаѓале на работа. Работниците протестираа и тврдат дека неосновано се избркани.
Во меѓувреме како што објави штипската ТВ Стар, светиниколската текстилна фабрика „Мода“ не им ги продолжила договорите на определено време на 50 работници, а останатите се испратени на принуден одмор.
-Работа нема. Нашите партнери од Германија најавуваат дека за одредени артикли кризата ќе трае и во текот на 2022 година, па нарачките се страшно намалени. За да ја спасиме компанијата, не им ги продолживме договорите на 50 работници кои беа ангажирани на определено време – рече Димитров на ТВ Стар.
Инаку, според статистичките податоци, бројот на работниците во текстилната индустријата во мај годинава е намален за 2,4 проценти.