
Данев: Италија е светска сила, но одлучни сме да направиме позитивен резултат
Фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година денеска на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид го одработи последниот тренинг пред утрешниот квалификациски натпревар против силната селекција на Италија.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Во рамките на групата Е од квалификациите за пласман на Европското првенство 2027, Македонија и Италија во вторник (9 септември) ќе ги одмерат силите на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола, со почеток од 18.15 часот.
Нашата селекција е во полн состав и без проблеми со повредени фудбалери го пречекува фаворитот во групата. Фудбалерот на Вардар, Димитар Данев, ги сподели своите очекувања пред големиот дуел:
– Очекувам прекрасна атмосфера, полн стадион и победа на Македонија. Кога го носиме македонскиот дрес, императивот секогаш е победа. Респект за Италија, знаеме што значи таа репрезентација за светскиот фудбал, но ние сме одлучни и утре ќе одиме на триумф. Италија е силна во организацијата на играта, треба да бидеме компактни во дефанзива и доволно брзи во нападот – рече Данев.
Во првото коло од квалификациите на гости нашите фудбалски надежи загубија со 3:0 од Полска.
– Грешките се препознаени, а после мечот во Краков, фокусот ни е целосно на Италија. Како и секоја екипа, така и тие имаат слабости. Ќе дадеме сè од себе да ги искористиме и во Битола да ја израдуваме Македонија, тоа би била нашата честитка за големиот празник – се зборовите на Данев.