
Данела кажа што имаше, на потег се институциите
Она што беше во надлежност на Град Скопје ние го направивме, постапивме, сега очекувам и другите што во изминативе денови говореа, да не останат на празна реторика. Доколку се осмелат да постапуваат, ќе докажат дека има навистина големи кривични дела сторено при незаконското легализирање објекти, рече градоначалничката.
Чаир е под опсада, a градоначалничката Данела Арсовска е инструментализирана и извршува сомнителни политички агенди, реагираше градоначалникот на оваа општина Висар Ганиу, откако Арсовска во изминатите денoви јавно, со видеопрезентација и со документи, покажа дека во Чаир нелегално се гради на државно земјиште и притоа се прави обид за легализација на новоизградени објекти.
Препорачано
Откако пред неколку дена градоначалничката во придружба на градските инспектори посети два објекта што без никаква документација, без платени комуналии и без дозвола за градба, се градат во Чаир, го повика Ганиу веднаш да постапи и да испрати градежна инспекција што ќе наложи уривање на дивоградбите. Како што е познато, ова од причина што Градот Скопје е единствена единица на локална самоуправа што според закон нема градежен инспектор, како што поседуваат општините.
Вчера пак, таа заедно со целиот тим беше пред новоизградена десеткатница исто така во Чаир, која, како што обвини, е легализирана со фалсификувани документи и го повика Ганиу да дојде и да објасни како за зграда што почнала да се гради во 2024 година, пријавил дека е градена во 2011 година.
Ганиу не се појави, а Арсовска замина во Агенцијата за катастар за да изврши увид во документацијата што била приложена за оваа зграда да се легализира.
Она што го побаравме, а тоа е да извршиме увид во документацијата од аспект на тоа да се докаже она што го имаме и кај нас во документација, а кое е неспорно дека Општина Чаир го внела во системот на Агенцијата за катастар, ќе имаме можност да го подигнеме од Катастарот, а потоа врз база на тоа да поведеме постапки пред соодветните надлежни институции за да почнат да постапуваат, имајќи предвид дека се работи за навистина еден груб фалсификат, нешто што е досега невидено во Македонија – рече градоначалничката.
Во меѓувреме, како што посочи денеска Арсовска, наместо институциите веднаш да постапат, Општина Чаир во вторникот до Агенцијата за катастар на недвижнини поднеле решение за поништување на решението кое го издале за легализација со фалсификувани документи.
Решението го антидатирале демек е направено на 2.5.2025 за да изгледа дека постапиле пред целиот криминал да биде објавен јавно, ама не можат да покријат дека вчера им е поднесен во катастар неколку часови по нашите пријави во МВР. Срамот да биде поголем, во обидот за прикривање докази активно учествуваат Владата и министерот за внатрешни работи, кои наместо да „филозофираат“, треба да постапуваат за да ги фатат криминалците, а не да дозволат тие да ги покријат нивните криминали. Досега требаше да сте во општината и да ги имате обезбедено сите докази, а не да им дозволувате на Висар Ганиу и на Изет Меџити да си ги покриваат криминалите и да уништуваат докази – обелодени градоначалничката.
Таа го повика Јавното обвинителство веднаш да постапи во разоткривање на криминалот што се случува пред очите на целата јавност.
Од Обвинителството, пак, велат дека „во однос на сомненијата за објекти дивоградби во Општина Чаир, Основното јавно обвинителство Скопје прими известување од СВР Скопје по кое веќе се постапува.
Воедно, потсетуваме дека сите службени лица што имаат сознанија или докази за извршено кривично дело, имаат законска обврска тоа да го пријават на надлежните органи – соопштија од ОЈО.
Арсовска: Следува објава на фељтон со докази за криминал за кои никој не постапувал
Арсовска обвини дека Град Скопје на Ганиу му ја вратило документацијата за околу 150 дивоградби во изминатите неколку години и дека ова што досега го направила е добра основа за да почнат надлежните институции да постапуваат.
Она што беше во надлежност на Град Скопје ние го направивме, постапивме, сега очекувам и другите што во изминативе денови говореа, да не останат на празна реторика. Доколку се осмелат да постапуваат, ќе докажат дека има навистина големи кривични дела сторено при незаконското легализирање објекти, и кои некои лажел дека ги изградил во 2011 година, односно до 2011 година, а всушност ги изградил во 2024 – посочи Арсовска.
Градоначалничката, која во изминативе три години постојано беше обвинувана дека ништо не работи, сега кај скопјани има голема поддршка во нејзините обиди да ги разоткрие, како што вели, криминалите што се правеле во Општина Чаир, каде што без дозвола се градело на државно земјиште.
Во меѓувреме, нема никаква информација дали надлежните институции започнале да постапуваат. До овој момент молчат и од Министерството за транспорт и од МВР, а министерот за животна средина Изет Меџити во интервју за ТВ Сител посочи дека Арсовска е жртва на друг нарачател и дека два-три месеца пред изборите ѝ текна дека постојат Чаир и Скопје.
Но добро е истата градоначалничка да отиде и во Сарај, да види како стои бројот на дивоградби, како се легализираат по едно евро надвор од законските прописи. Да земе список од Градежниот инспекторат и да го види вкупниот број дивоградби, да види каде на таа листа е Чаир, а каде се другите општини – изјави Меџити.